Мексико соопшти дека планира да ги зголеми царините на увоз на автомобили од азиски земји на 50%, со цел да заштити над 300.000 работни места, соопшти министерството за економија.
Новите царини ќе се применуваат за увоз од земји со кои Мексико нема трговски договор, како што се Кина, Јужна Кореја, Индија, Индонезија, Русија, Тајланд и Турција.
Според документот на министерството, овие мерки ќе влијаат на 8.6% од вкупниот увоз на Мексико, во вредност од 52 милијарди долари, и ќе заштитат околу 325.000 работни места во индустријата.
Во план се и 35% царини за челик, играчки и мотори
Царините за автомобили од овие земји ќе бидат зголемени на 50%, а се разгледуваат и 35% царини за челик, играчки и мотоцикли. Во текстилната индустрија, царините ќе се движат од 10% до 50%.
„Тие (земјите) веќе имаат царини“, изјави министерот за економија Марсело Ебрард во средата, одговарајќи на прашање за повисоките давачки на кинеските автомобили, кои во моментов изнесуваат 20%.
„Планираме да ги зголемиме до максимално дозволеното ниво“, додаде тој, нагласувајќи дека „конкуренцијата речиси и не е можно без одредено ниво на заштита“.
Како што објасни министерот, целта на зголемените царини е да се заштитат работните места во Мексико, бидејќи кинеските автомобили влегуваат на мексиканскиот пазар по цени пониски од „референтната вредност“, што значи дека се нудат со големи попусти.
Предлогот треба да биде одобрен од парламентот, каде владата има силно мнозинство.