Мексико преговара со САД за да добие повластен статус во новиот режим на царини за автомобилската индустрија, изјави министерот за економија на Мексико во четвртокот. Претседателот на САД Доналд Трамп најави во средата царини од 25% на увозот на автомобили, кои треба да стапат на сила следната недела. Најдоцна до почетокот на мај, според неговата најава, САД ќе воведат царини и на увозот на автомобилски делови.
Овие најавени царини ја доведоа во прашање Спогодбата за слободна трговија Канада-САД-Мексико (USMCA), која го замени спогодбата за слободна трговија НАФТА од 1994 година во 2020 година, за време на првиот мандат на Трамп.
Новите царини треба да поттикнат производителите на автомобили да го зголемат вложувањето во САД, наместо во Канада и Мексико. Мексиканскиот министер за економија, Марсело Ебрад, моментално е во Вашингтон, каде што се состанал со бројни американски официјални лица.
“Ако сакаат да го променат системот, ако се соочуваме со преод во систем со толку високи царини, мора да побараме повластен третман за Мексико и да осигуриме услови кои ќе ги заштитат нашите работни места и економската активност во Мексико”, изјави министерот Ебрад во видеото што беше прикажано на конференцијата за новинари на мексиканската претседателка, Клаудија Шејнбаум.
Шејнбаум додаде дека планира да се сретне со производителите на автомобили, вклучувајќи ги Ford, General Motors и Stellantis.
Вашингтон најави делумно ослободување од царините за возила и делови произведени согласно со одредбите на USMCA за потекло, тврдејќи дека исклучок ќе биде само вредноста на делот произведен во САД.
Автомобилски делови кои се во согласност со одредбите на USMCA нема да бидат предмет на тарифи, сè додека американските власти не воспостават процедура за дел произведен надвор од САД, објасни Белата куќа.
Минатата година, Мексико имаше трговски суфицит со САД од 171,8 милијарди долари, што е 12,7% повеќе отколку во 2023 година, според податоците на Министерството за трговија на САД. Само Кина и Европската Унија имаа поголеми суфицити, односно 295,4 милијарди и 235,6 милијарди долари. Виетнам е на четвртото место со суфицит од 123,5 милијарди долари.
Мексико минатата година извезе 2,5 милиони возила во САД, според податоците на компанијата S&P Global Mobility.