Со задоцнување од околу триесетина години од почетоците на медикаментозниот абортус во
светот, конечно, од 2021 година оваа здравствена услуга е достапна и кај нас. На иста страна
застанаа владиниот и невладиниот сектор и со заеднички напор и заложби, медикаментозниот
абортус почна да се практикува на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во
Скопје. Но, и покрај не така занемарливото задоцнување, се чини, медикаментозниот абортус се
воведе во Македонија во вистинско време. Пандемија на ковид-19! Со минимизирање на
посетите на здравствените установи и рационализација на оптоварениот медицинскиот персонал,
можноста за прекин на бременоста во домашни услови сосема се вклопи во мерките за
превенција од ширење на вирусот!
Медикаментозниот абортус е процедура за прекин на бременоста со лекови (таблети) за чија
употреба гинекологот прави проценка, ја ординира терапијата и го следи процесот. Предностите
на медикаментозниот абортус, во однос на хируршките методи кои до пред неколку години беа
единствена опција во Македонија, се бројни. Станува збор за неинвазивен метод поради што
нема потреба од анестезија. Има ефикасност до 98 % и е многу поевтин од хируршкиот абортус. Со
оглед на тоа што до 12-та недела на бременоста може да се изведе во домашни услови, во голема
мера ги пресретнува потребите на жените и девојките за интимност и приватност, и плус им дава
можност да си го планираат времето на прекин на бременоста според своите социјални,
професионални и семејни околности.
Пред воопшто да се изведе оваа медицинска процедура, стручните лица споделуваат разбирливи
информации за начинот на употреба на лековите, за очекуваните болки, за крвавењето и други
симптоми кои се вообичаени за медикаментозниот абортус. Притоа, жените се информираат и
како да ги препознаат евентуалните компликации и кога да се јават во соодветна здравствена
установа, но и за методите на контрацепција и планирање на семејството, за хигиената и
сексуалните односи по абортусот.
Како социјален работник кој е член на медицинскиот тим, од прва рака знам дека
професионалноста, емпатијата и отвореноста кон потребите на жената и „слушањето на нејзината
приказна“ и на нејзините стравувања и очекувања се исклучително важни во јакнењето на
довербата и во целиот процес, во намалувањето на стравот од непознатото и во давањето на
соодветни упатства. Директно учествувам во давањето психосоцијална поддршка, што во пракса
значи дека како тим креираме безбедна средина во која жените се охрабруваат да споделат
информации и за други аспекти на нивното живеење.
Досегашното искуство покажува дека стручните лица кои се обучени и сензитивни за советување и
поддршка во овој процес, не само што можат, туку и препознаваат различни видови на социјални
ризици и случаи на родово засновано насилство. И тогаш, ние, социјалните работници, стануваме
нивна поддршка во најсуштинската смисла на зборот!
„Во процесот на подготовка за прекин на бременоста кај млада девојка, здравствените
работници и соработници препознаа знаци кои побудија сомнеж за сексуална злоупотреба. Со професионално постапување и процесуирање на случајот, девојката не само што доби
пристап до безбеден абортус, туку беше извадена од канџите на сексуалното насилство што го трпела во нејзиното семејство.“
„Млада жена во разговор со социјален работник споделува дека трпела психичко насилство од
вонбрачен партнер. Поради тоа беше упатена во Првиот семеен центар на ХЕРА, за понатамошна поддршка во справувањето со проблемот.“
„Млада девојка е во стабилна љубовна врска со долгогодишен партнер и ја сака бременоста.
Но, поради различна етничка припадност, семејствата не ја одобруваат врската, поради што
тие трпат голем притисок. Во прекинот на бременоста девојката гледа единствен излез. Таа добива советување за сѐ во врска со медикаментозниот абортус, но дадена е и можност да не ја донесе одлуката за прекин веднаш. Ѝ беше дадена психосоцијална поддршка и во неколку наврати разговараше со социјалниот работник и со докторите, но и со семејството и партнерот. По ова, задоволна соопшти река решила да ја продолжи бременоста и со партнерот да станат родители.“
Зелено светло за медикаментозниот абортус даваат и жените кои ја користеле оваа здравствена
услуга. Во рамките на истражувањето „Медикаментозен абортус во прв и втор триместар – пилот
студија во Република Севена Македонија“, 90,28 % од пациентките кои ја прекинале бременоста
до 12-та недела во домашни услови биле многу задоволни. Доколку треба да прекинат друга
бременост, 96 % од испитаничките повторно би го избрале медикаментозниот наспроти хируршкиот абортус. Мнозинството би ѝ го препорачале медикаментозниот абортус на друга жена, иако најголем број од нив се соочиле со болки и грчеви, што според нив е и најнепријатното кај овој начин на прекин на бременоста. Конечно, 98,6 % одговориле дека добиле детални и точни
информации од медицинскиот тим за текот, можните компликации и несаканите ефекти, како и за
контрацепција по абортусот.
Но, за чиста петка треба уште да се работи! Ајде и понатаму власта и невладините организации да
работат на обезбедување квалитетна здравствена заштита заради остварување на правата на
жените. Неопходно е да се регистрираат лековите за медикаментозен абортус, за да може во
континуитет да се гарантира неговата достапност на територија на целата држава и на сите нивоа
на здравствената заштита. Конечно, давателите на здравствени услуги, покрај стручните и научни
знаења и вештини мора да ги усовршуваат и човечките аспекти во комуникацијата и
постапувањето со жени кои ја прекинуваат бременоста – бидејќи жените заслужуваат почит и
хуман третман, а не стигма, солзи и траума.