„Се почесто можат да се видат мали мечиња во Националниот парк Маврово, мали се и слатки“, ова се дел од коментарите на луѓето кои слободното време го користат за прошетка и одмор во Националниот парк Маврово. Доказ за добрата популација на кафеавата мечка во западниот планински дел од Македонија се и бројните фотографии од млади единки на кафеавата мечка.
На последните фотографии одјавени на Фејсбук страната на Националниот парк Маврово се гледа младо мече кое бркајќи ги птиците се качува по гранките од боровите. За кратко време фотографиите ги обиколија социјалните мрежи, а реакциите на луѓето се само позитивни.
Од Македонското еколошко друштво појаснуваат дека во земјава се регистрирани околу 300 единки на кафеава мечка. Посочуваат дека женките се размножуваат на секои три години, бидејќи до тогаш младите живеат со мајката. Според анализите од терен, најголема застапеност кафеавата мечка има во западниот планински дел, а поретко во источниот.
Експертите укажуваат дека мечките иако се големи и диви животни тие сепак се доста плашливи од луѓе. Напаѓаат само кога навистина не можат да ја избегнат директната загрозеност или кога женките имаат мали, со цел да ги заштитат.
Инаку, европската кафеава мечка е заштитен вид во сите држави каде што живее.