Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска – во Света Недела, во близина на Самобор – ќе се изучува предметот Македонски јазик и култура, пристигна и првата донација од Македонија.
По повод 14 февруари – Меѓународниот ден на дарувањето книги, издавачката куќа „Матица македонска“ испрати голема донација од книги за учениците што ќе го следат предметот во основното училиште „Стрмец“. Донацијата е дел од иницијативата „Подари книга, подари свет“, со која „Матица“ ја поттикнува културата на дарување и љубовта кон читањето.
Во пакетот се вклучени дела од македонски автори, современа поезија и проза, како и книжевност за деца. Книгите ќе бидат дел од библиотечниот фонд и ќе им бидат достапни на учениците и наставниците.
Професорката Ивана Брезовец, иницијаторка за воведување на наставата по македонски јазик во Света Недела и претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб, изјави дека донацијата претставува значајна поддршка за зачувување и промоција на македонскиот јазик и идентитет меѓу младите во Хрватска.
Македонски јазик и култура во моментов изучуваат 108 ученици во осум основни училишта и три гимназии низ Хрватска – во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит.
Со иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ ги повика институциите, компаниите и поединците да се приклучат во акцијата за дарување книги, со цел поголема достапност на литература и поттикнување на читањето кај новите генерации.