Massive Attack ја повлекуваат својата музика од Spotify и платформите во Израел

Massive Attack ја повлекува музиката од Spotify и Израел, протест против Даниел Ек, воена AI технологија, бојкот поради Газа, No Music For Genocide кампања.

Британската трип-хоп група Massive Attack е најновиот музички состав кој го повлекува својот музички каталог од Spotify, во знак на протест против вложувањата на основачот на платформата, Даниел Ек, во воена технологија.

Ек е ко-основач на инвестиционата фирма Prima Materia, која вложи околу 600 милиони евра во германската компанија Helsing, позната по производство на муниција за дронови и вештачка интелигенција интегрирана во борбени авиони. Ек е воедно и претседател на бордот на Helsing.

Massive Attack побарале од нивната издавачка куќа UMG да ја отстрани нивната музика не само од Spotify, туку и од сите стриминг платформи достапни во Израел.

Во изјава објавена на Instagram, бендот напиша:

„Со оглед на (пријавените) значителни инвестиции од страна на извршниот директор на Spotify во компанија што произведува воена муниција и технологии со вештачка интелигенција за борбени авиони, Massive Attack поднесоа посебно барање до нашата издавачка куќа нашата музика да биде повлечена од Spotify во сите региони.“

Изјавата продолжува:

„Според нашето мислење, историскиот преседан на ефективна уметничка акција за време на апартхејдот во Јужна Африка – и апартхејдот, воените злосторства и геноцидот што моментално ги спроведува државата Израел – го прави движењето ‘No Music For Genocide’ итно и неопходно.“

Оваа кампања – ‘Нема музика за геноцид’ – претставува културен бојкот што ги повикува уметниците и носителите на авторски права да ја повлечат својата музика од платформите достапни во Израел. Повеќе од 400 уметници веќе се приклучиле, вклучувајќи ги Fontaines D.C., Kneecap, Primal Scream, Rina Sawayama, Wednesday, Amyl & The Sniffers, Japanese Breakfast и MØ.

„Културата сама не може да ги запре бомбите, но може да помогне да се одбие политичката репресија, да се насочи јавното мислење кон правда, и да се спречи ‘арт-вошингот’ и нормализирањето на секоја компанија или држава што извршува злосторства против човештвото,“ се наведува во изјава од коалицијата зад иницијативата.

„Оваа иницијатива е дел од глобално движење кое има за цел да ја поткопа поддршката што ѝ е потребна на државата Израел за да продолжи со својот геноцид. Инспирирани сме од се поголемите напори – од петицијата на филмски работници за Палестина, до забраната од Шпанија за израелски бродови и авиони, до коалицијата Freedom Flotilla, па сè до пристанишните работници во Мароко кои одбиваат да товараат оружје на бродови нарачани од Тел Авив.“

Massive Attack истакнаа дека во случајот со Spotify, „економскиот товар што долго време се наметнуваше на уметниците, сега е дополнет со морален и етички товар – каде што парите од обожавателите и креативниот труд на музичарите завршуваат во финансирање на смртоносни, дистописки технологии.“

Бендот ја поддржа и кампањата Filmworkers4Palestine и ги повика сите музичари:

„Да ја претворат својата тага, гнев и уметничка енергија во кохерентна, разумна и суштинска акција за прекинување на неиздржливиот пекол што секој час се спроведува врз Палестинците.“

Други изведувачи кои веќе ја повлекле својата музика од Spotify поради инвестициите на Даниел Ек во Helsing се:
King Gizzard & the Lizard Wizard, Godspeed You! Black Emperor, Deerhoof и Xiu Xiu.

Од Spotify изјавија дека Spotify и Helsing се „две сосема различни компании“ и дека Helsing „не е вклучена во Газа“.

Од Helsing, пак, соопштија:

„Во моментов се шири дезинформација дека нашата технологија се користи во воени зони различни од Украина. Тоа не е точно. Нашата технологија се користи само во европски земји, за одвраќање и одбрана од руската агресија во Украина.“

Инаку, Massive Attack претходно најавија формирање на сојуз на музичари кои јавно се изјасниле против случувањата во Газа, и кои се соочиле со цензура и закани од внатрешноста на музичката индустрија. Во јули, тие споделија заедничка изјава со други музичари кои го критикуваат Израелско-Палестинскиот конфликт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни