Масовни штрајкови во јавниот сектор низ Германија – синдикатите бараат 7% повисоки плати

Синдикатите во Германија го засилуваат притисокот врз работодавачите во рамки на тарифниот спор за платите во јавниот сектор, повикувајќи на предупредувачки штрајкови речиси низ целата земја. Единствена покраина што не е опфатена е Хесен.

Во пресрет на новата рунда преговори закажана за 11 февруари во Потсдам, штрајкови се одржаа во болници, универзитети, градинки, училишта и бројни покраински институции. Најпогодени се универзитетските клиники, високошколските установи и управите за изградба на патишта.

Наставата делумно прекината, 150.000 повикани на штрајк

Во Тирингија делумно беше прекината наставата и работата на установите за згрижување деца. Во Северна Рајна-Вестфалија илјадници вработени протестираа пред покраинскиот парламент во Диселдорф – меѓу нив наставници, здравствени работници, полицајци и административци.

Во Баварија штрајкуваа вработените во универзитетските клиники и универзитетите, а Полицискиот синдикат (ГдП) повика на протест и во централната служба за парични казни. Вкупно околу 150.000 вработени биле повикани на прекин на работа.

Штрајкови се одржаа и во Долна Саксонија, Бремен, Баден-Виртемберг и Берлин. Во Хамбург, под мотото „Ќе влеземе во вода за северот да не потоне“, илјадници демонстранти се собраа покрај реката Елба, а дел од нив симболично влегоа во водата во знак на протест против, како што велат, „ладнотијата на работодавачката политика“.

Работодавачите: „Прво штрајк, па преговори – тоа ја руши довербата“

Сојузот на здруженија на германски работодавачи (БДА) остро го критикуваше пристапот на синдикатите. Претседателот Штефен Кампетер изјави дека Германија има потреба од закон за „фер правила при штрајкови“ и го обвини синдикатот Верди за „неодговорна стратегија“.

„Прво штрајкуваат, па преговараат – тоа ја уништува довербата“, изјави Кампетер.

Синдикатите бараат најмалку 300 евра повеќе

Синдикатите Верди и ДББ бараат зголемување на платите за седум проценти, со минимално покачување од 300 евра месечно за период од 12 месеци. За младите кадри се бара дополнително зголемување од 200 евра.

Од другата страна, Тарифната заедница на германските покраини (ТдЛ), која ги претставува работодавачите, сè уште нема доставено официјална понуда. Според потпретседателката на Верди, Кристине Беле, работодавачите размислуваат за зголемување од пет проценти во период од 29 месеци – предлог што синдикатите го оценуваат како недоволен и со предолг рок.

Спорот опфаќа повеќе од 900.000 вработени со тарифни договори, а индиректно влијае и врз околу 1,3 милиони државни службеници и пензионери.

Извор: Tagesschau / DW (ЕМФ)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни