Сервисот за следење на прекини Downdetector забележа зголемување на пријавите околу 16 часот по македонско време, а проблемите продолжија и во текот на вечерта. Според развојната платформа на X, во петок биле регистрирани „намалени перформанси“ при најавување, што укажува дека дефектите сè уште не се целосно отстранети.
Ова е втор прекин за една недела. Независната организација NetBlocks, која ја следи достапноста на интернетот ширум светот, потврди дека проблемите не се резултат на интернет цензура или државни интервенции.
Ситуацијата кулминираше само еден ден по пожарот што избувна во центарот за податоци на X во американската сојузна држава Орегон. Според информации објавени од Wired, пожарот избувнал во просторија со батерии и барал повеќечасовна интервенција од противпожарната служба. Иако тогаш корисниците пријавија одредени нарушувања, прекинот не беше толку голем како денешниот.
Власникот на платформата, Елон Маск, се огласи и призна дека проблемите со работата на X ја покажуваат потребата од итни оперативни подобрувања.
„Се враќам на работа 24/7, ќе спијам во конференциски, серверски и фабрички простории. Морам да бидам супер фокусиран на X, xAI и Тесла (плус лансирањето на Старшип следната недела), бидејќи воведуваме клучни технологии. Како што покажаа проблемите со работата на X оваа недела, потребни се големи оперативни подобрувања. Резервниот систем требаше да функционира, но не функционираше“, порача Маск.
Подсетуваме, Маск крајот на март објави дека ја продал социјалната мрежа X на својата компанија за вештачка интелигенција xAI. Платформата моментално има околу 250 милиони активни корисници дневно, а последните технички проблеми сериозно ја раздрмаа довербата кај дел од корисниците.