Десет лица, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач, се пронајдени мртви по пукање во градот Тумблер Риџ, на североистокот од канадската покраина Британска Колумбија, соопшти канадската полиција. Повредени се најмалку 25 лица.
Шест жртви биле пронајдени во просториите на средното училиште во Тумблер Риџ, едно лице починало на пат кон болница, а уште две тела биле откриени во куќа за која се верува дека е поврзана со инцидентот. Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач бил пронајден мртов од повреда за која се претпоставува дека си ја нанел сам. Засега не се верува дека има други осомничени или дополнителна закана за јавноста.
Во првичното предупредување испратено до граѓаните, напаѓачот бил опишан како „жена со кафена коса во фустан“, но полот официјално не е потврден. Дел од медиумите објавија дека станува збор за 18-годишно лице кое се идентификувало како трансродово, но овие информации не се службено потврдени.
Училиштата затворени, многу прашања без одговор
Наставата во основното и средното училиште во Тумблер Риџ е суспендирана до крајот на неделата. Полицијата сè уште не ги објави имињата на жртвите, ниту идентитетот на напаѓачот, иако наведува дека ѝ е познат. Исто така, не е познато дали напаѓачот бил поврзан со училиштето.
Властите веруваат дека пукањата во училиштето и во блиската куќа се поврзани, но тоа сè уште не е официјално потврдено.
Потресни сведоштва
Родители и наставници опишуваат часови страв и неизвесност. Ученици се криеле во училници, заклучени и барикадирани со мебел, додека однадвор се слушале истрели. Еден татко раскажа дека неговиот 15-годишен син се обидувал да ги смири соучениците додека биле скриени со часови, но дека и самиот е длабоко потресен.
Локалниот пастор Џорџ Роу изјави дека сцените пред училиштето биле „разорни“, со родители кои очајнички чекале информации за своите деца. Тој додаде дека заедницата никогаш повеќе нема да биде иста.
Политичарите обединети во тага
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека ова е „тежок ден“ за целата земја.
„Родители, баби и дедовци, браќа и сестри утре ќе се разбудат без некој што го сакаат. Цела Канада тагува со вас“, рече Карни, најавувајќи дека знамињата на владините згради ќе бидат спуштени на половина копје во наредните седум дена.
Во Долниот дом на канадскиот парламент беше одржана минута молк во чест на жртвите. Лидерите на опозицијата, вклучувајќи го и Пјер Поалиевр, изразија сочувство и повикаа на национално единство.
„Како татко, не можам ни да замислам какви повици примале родителите. Ова е време кога мора да бидеме обединети“, изјави Поалиевр.
Поддршка пристигна и од меѓународната заедница. Британскиот крал Чарлс Трети изрази „длабок шок и тага“, а сочувство испратија и принцот и принцезата од Велс.
Заедницата мобилизирана
Во Тумблер Риџ е покрената хуманитарна акција за помош на семејствата на жртвите, со средства наменети за покривање на трошоците за погреб и психолошка поддршка. Во локалниот општински центар е обезбеден простор за советување, а најавено е и пристигнување на дополнителни тимови за ментално здравје.
И покрај бројните изрази на солидарност, многу прашања остануваат отворени. Канадската јавност очекува одговори – како и објаснување како ваква трагедија можела да се случи во мала и блиска заедница што многумина ја опишуваат како „едно големо семејство“.
