Парадата на гордоста не е само прослава, туку акт преку кој се бараат слободите и правата, во свет кој континуирано ги маргинализира и потиснува. Излегувањето на улица, заземањето на јавните простори е симболика, барање за поддршка, прифаќање и солидарност за секој следен ден. Секој чекор на маршот е потсетување дека борбата за човековите права трае и денес.
Љубов, прифаќање и еднаквост за сите се само дел од пораките кои се нејзин симбол. Не само на денот на нејзиното одржување, туку секогаш, како право. Парадата на гордоста не е само еднодневен настан или манифестација, туку симбол со важна историска позадина, кој ја носи пораката за меѓусебното прифаќање и еднаквоста во секоја смисла на зборот.
Нашето сојузништвото во желбата за подобар и поправеден свет за ЛГБТИ+ луѓето треба да е стремеж на секое демократско општество. Стремеж кон највисоко почитување на човековите слободи и права. Парадата е потсетник дека имаме одговорност да бидеме сојузници во оваа борба.
Вистинската промена бара постојана акција на сите нивоа – од образованието и културната сцена, до политиката и законодавството. Од улиците до институциите.
Парадата е, исто така, мегафон за сите оние кои сè уште не можат да го пронајдат својот глас. Тие, кои секојдневно се соочуваат со невидливи ѕидови, не само во јавниот простор туку и во своите домови, училишта и работни места, заслужуваат општество кое ќе ги прифати и поддржи. Парадата не е само за оние што се веќе видливи, туку и за оние што се борат да се ослободат од оковите на невидливоста.
Не смееме да заборавиме дека промените настануваат преку лична одговорност и колективна свест. На сите нас ни треба свет во кој парадите ќе бидат само прослави на веќе стекнати права, а не места каде се води борба за основна почит и признание. Токму затоа, мораме да ги поддржуваме ЛГБТИ+ заедниците не само на парадата, туку и во секојдневието, бидејќи нивната борба е и наша борба за праведно и слободно општество за сите.