Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио изјави дека се во тек контакти со Иран и дека постојат индикации за можен крај на конфликтот, вклучително и опција за директни преговори. Во интервју за Fox News, Рубио посочи дека комуникацијата меѓу двете страни веќе се одвива.
„Разменуваме пораки. Постои можност и за директна средба во одреден момент. Секогаш сме отворени за тоа“, изјави тој.
Без „лажни преговори“
Рубио нагласи дека Доналд Трамп нема да дозволи, како што рече, „лажни преговори“ кои би служеле само за одолговлекување и добивање време.
Иако не сакаше да прецизира временска рамка, тој беше јасен во пораката: „Се гледа крајот“.
Воен напредок и критики кон НАТО
Тој додаде дека американската војска напредува кон исполнување на своите цели во конфликтот.
„Ќе дојдеме до точка каде што нашата војска ќе ги оствари сите цели на оваа мисија, и тоа со исклучителна ефикасност – нешто што, мислам, ќе влезе во историјата како една од најдобро водените тактички операции во модерното време“, рече Рубио.
Во истото интервју, тој го критикуваше и НАТО, посочувајќи дека САД би можеле да преиспитаат дали алијансата и понатаму ја исполнува својата цел.