Маргинализирани, но не и заборавени:

Ѓултен Мустафова: Само 25% од Ромките во Македонија го завршуваат своето образование

Во општество каде што инклузијата и правата на жените се сè уште предизвик, Ѓултен Мустафова е гласот што неуморно се бори за вистинска интеграција на жените од ромската заедница во општеството. Како проектен менаџер во „Ромалитико“ и долгогодишен активист, таа ја разбира комплексноста на системските бариери, но и моќта на образованието и заедничкото живеење како клучни фактори за промена. Од борбата против сегрегацијата до застапувањето за еднакви можности, таа сведочи за предизвиците, но и за надежта што ја носи секој мал чекор напред

Ѓултен Мустафова е една од најгласните борки за правата на жените Ромки во Македонија. Како проектен менаџер во „Ромалитико“ и долгогодишен активист, таа неуморно се залага за подобрување на нивната економска, социјална и образовна положба. „Ситуацијата на Ромките во денешното општество не е на многу завидно ниво, иако невладините организации доста работат и сами и во соработка со владиниот сектор. Сè уште има многу предизвици кои ги спречуваат жените Ромки да ги уживаат истите права како останатите,“ вели таа.

Според податоците на Светската банка, 87% од Ромите во Македонија живеат во сиромаштија, а само 8% од жените Ромки се формално вработени. Поголемиот дел од нив работат неформално, најчесто како хигиеничарки, што носи трајни последици во подоцнежната возраст, бидејќи немаат можности да го користат правото на пензија и други државни бенефиции. „Тоа значи дека голем број од нив остануваат без финансиска сигурност, а тоа директно влијае на нивниот животен стандард,“ нагласува Мустафова.

Ѓултен Мустафова

Образованието е основа за промена, но процентот на Ромки кои го завршуваат школувањето останува загрижувачки низок. Во учебната 2023/24 година, 62% од девојчињата Ромки завршиле основно образование, а само 25% целосно го комплетирале.

-Тоа е страшно, затоа што осипувањето од образованието не е само бројка, тоа е показател за бариерите кои ги спречуваат младите девојчиња да излезат од сиромаштијата. Ако не се образуваат, нивните можности за работа и економска независност се сведени на минимум- објаснува таа.

Проблемите на Ромките се големи и во здравството. Според статистиката, само 4% од населението во Македонија нема здравствено осигурување, но кај жените Ромки овој процент е 6%, што значи дека тие имаат значително помал пристап до здравствени услуги. Дополнително, нивниот животен век во просек е за 10 години пократок во однос на останатите жени во земјата. „Ако просекот на живеење кај жените во Македонија е 77 години, кај жените Ромки тој е 67 години. Тоа говори многу за разликите во пристапот до здравствена заштита,“ истакнува Мустафова.

Традиционалните вредности и родовите стереотипи дополнително го ограничуваат напредокот на жените Ромки. Патријархалните норми кои бараат од девојчињата да се омажат млади, наместо да го завршат образованието, се уште се присутни, особено во руралните средини.

-Сменети се некои работи во последниве дваесет години, но остануваат стереотипи дека девојчињата не треба да го комплетираат основното образование. Тоа мора да се искорени, затоа што тие заслужуваат еднакви можности како сите други,“ вели Мустафова.

Ѓултен Мустафова

Во политиката, присуството на жените Ромки речиси и не постои. Во последниот парламентарен состав имаше само една пратеничка Ромка, а во институциите само две жени Ромки се на раководни позиции. „Жените мораат да бидат дел од процесите на креирање политики, затоа што тие најдобро знаат со какви проблеми се соочуваат секојдневно,“ нагласува таа.

Насилството врз жените Ромки е уште еден сериозен проблем за кој ретко се зборува. „Бројките се големи, но институциите ретко ги објавуваат. Жени Ромки се најпогодени од семејно насилство и трговија со луѓе, но нивните приказни многу ретко излегуваат во јавност,“ објаснува Мустафова. Во последно време се отвори советувалиште во Шуто Оризари за жени жртви на насилство, но таа смета дека државата треба да има стратегија за справување со овие појави.

И покрај предизвиците, Мустафова верува дека решението е во образованието и економската независност. „Најважно е да се заврши образованието. Девојчињата мораат да го комплетираат своето школување и да се изборат за своите права. Со образование и вработување, добиваат право на глас. Тоа е единствениот пат кон промена,“ заклучува таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни