Петок е. Седиме со пријателите вљубеници во планините и се договараме која планина да ја искачуваме следната недела. Помеѓу голтките ладно пиво и честите погледи кон тв екранот каде штотуку започнува европското првенство во фудбал во Германија, изборот паѓа на убавиот малешевски крај и планината Влаина која се издигнува високо над Пехчево. Нејзиниот врв Кадиица со своите 1932 метри е највисокиот во овој дел од Македонија. Предел кој освен природните убавини го карактеризира и големиот одлив на граѓани тому во фудбалска Германија.
Иако постојат повеќе и пократки патеки за да се стигне до Кадиица, ние ја одбираме најдолгата – од село Црник преку Црвените Брегови до врвот – во должина некаде околу 11 км и висинска разлика од речиси 1100 метри. Сакаме да ја тестираме и штотуку објавената траса од Македонската Бесконечна Трансверзала позната уште под името Sammiana. Македонската Бесконечна Трансверзала е мега кружна трансферзала – непрекината пешачко планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
И така во недела наутро заминуваме за Црник. Тоа е село во кое од секогаш сложно живееле Македонци, Турци и Роми. На секоја селска слава (свадба, сунет итн) се кани цело село, и тој обичај опстојува до денес. Иако многу црничани заминале на печалба , пред се во Германија, селото е живо и има млади луѓе. Ја паркираме колата на крајот од селото и тргнуваме во правец кон Црвени Брегови.
По заминувањето на последната куќа едно дете повикнува по нас и застануваме. Не прашува дали зборуваме македонски. Веројатно неговото искуство вели дека луѓе со планинарска опрема можеби се и странци. Детето сакаше да не предупреди дека тука во близина има лошо куче од расата Кангал и дека треба да бидеме внимателни. Му се заблагодаривме за предупредувањето и тргнавме понатаму коментирајќи ја добронамерноста на селското дете.
Кучето не го сретнавме и за половина час пред нас се открија Црвени Брегови. Локалитет кој потсеќа на кањоните во Колорадо и кој е недоволно познат за македонската јавност. Прекрасен предел кој измамува да викнете Ваууу! Иако сум шетал под нив на истата возраст како и детето од пред малку , сега за прв пат ги гледам од нивната највисока точка. При секое доближување до работ на бреговите срцето затреперува а нозете се скаменуваат. Ова вреди да се промовира и голема благодарност до луѓето од Sammiana кои ја препознале значајноста на Црвени Брегови и одлучиле планинарската патека низ Македонија да поминува токму тука.
После Црвените Брегови започнува поинтензивна угорнина низ планината. Ги броиме искачените метри и се освежуваме со дивите цреши и дивите јаготки. По 4 и пол часа искачување доаѓаме до највисокиот дел од планината кој е без дрвја. Само пасишта, коњи и крави. Тука е познатата Мандра, место каде порано се чувале овци и се правело познатото малешевско овчко сирење. Денес нема овци, но Чичко Владо од село Негрево го поправил објектот и сега тој може да се користи за засолниште од неповолните временски услови. Освен Владо, на Мандрата среќаваме и 3 жени. Едната од нив по име Благица, сопругата на Владо ја познава мајка ми. Ете, на врв планина среќавате луѓе кои се дел од нашите познанства.
Планините се места на среќавања, но во мојот случај и место на поврзување на минатото со сегашноста , место на сеќавања. Беше топол ден и постојаната жед ја гасиме со ладната планинска вода која блика од два извора. Марија, единствената девојка во тимот беше и единствената која ја искачи последната стрмна падина до врвот. Ние останавме на Мандрата, но си ветивме дека следниот пат ќе дојдеме до врвот и каменот на кој пишува СФРЈ и висината од 1932 метри. Кога се вративме во селото, дознавме дека денес е прв ден од Бајрам и локалното турско население не почасти со домашна баклава. Една црничанка по име Ава се пофали дека нејзината ќерка заминала за Германија (повторно таа Германија) и таму родила две деца на ист ден во различна година. Убаво им било таму. А убаво ни беше и нам. Малешевијата е прекрасна и уникатна и јас не ја менувам за Германија. Со планината Влаина си закажавме повторна средба, многу наскоро.