Регионалната, но и светската јавност е воодушевена од една фотографија од мал хрватски остров на Јадранското море.
Фудбалерите Лука Модриќ и Матео Ковачиќ, тенисерот Новак Ѓоковиќ и претседателот на УЕФА Александар Чеферин заедно уживаа во барот на плажата Моро на остров Вела Ступа кај Корчула.
„Денеска ја имавме честа да бидеме домаќини на легенди“, напишаа од барот.
Овој потег на спортските великани ја воодушеви светската спортска јавност, а во регионот наиде на бројни позитивни коментари имајќи предвид дека на една иста фотографија во мало хрватско место се дружат глобално препознаени ѕвезди од регионот на бившја Југолсавија.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Модриќ, со години летува заедно со својот репрезентативен другар Ковачиќ, додека Словенецот Чеферин е чест гостин на хрватското крајбрежје.
Ова лето и Ѓоковиќ е на одмор на Јадранот, а пред да го посети островот во Хрватска, престојуваше неколку денови во Црна Гора, во Порто Монтенегро, за каде се верува дека поседува и сопствен стан.
Модриќ и Ковачиќ добија подарок од Ѓоковиќ
Хрватската легенда Модриќ потпиша договор со Милан, клуб за кој навива и Ѓоковиќ, па оттаму може да се заклучи дека фудбалот била една од темите за разговор во дружбата меѓу спортистите.

Двајцата хрватски фудбалери очигледно биле добри домаќини за српскиот тенисер, па од него добија и подарок. Новак Ѓоковиќ им ги потпиша своите маички „Лакоста“ на хрватските играчи, заедно со специјални пораки што ќе бидат убав спомен.
„За Матео, од срце ти посакувам сѐ најдобро“ пишува на маицата што ја доби Ковачиќ, додека на онаа на Модриќ пишува „За Лука, од дното на моето срце за спомен, сѐ најдобро брате“.
Спортистите имаат малку денови за одмор, па затоа истите се обидуваат да ги искористат до максимум.
Фудбалските првенства започнуваат за неколку недели, исто како и УС Опен, а Чеферин сега веќе сигурно е во Швајцарија каде вечерва се игра второто полуфинале во ЕП 2025 за жени.