Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека безбедносните гаранции за Украина се подготвени и ќе бидат потврдени утре од „коалицијата на добронамерните“, која го поддржува Киев, на состанок во Париз.
„Ние сме подготвени како Европејци да понудиме безбедносни гаранции за Украина и украинскиот народ на денот на потпишувањето на мировниот договор“, рече Макрон, според Ројтерс.
Тој рече дека подготвителната работа за безбедносните гаранции за Украина е завршена.
Макрон го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз пред состанокот на лидерите на коалицијата на добронамерните.
Околу 30 лидери ќе присуствуваат на самитот за да го разгледаат напредокот во дискусиите за безбедносните гаранции за Украина, кои се сметаат за неопходен предуслов за секој иден мировен договор, според нацрт-документ што го виде Ројтерс, а кој им беше доставен на учесниците.
Коалицијата на добронамерните, составена од Франција и Велика Британија, со месеци води разговори за да се обиде да дефинира планови за тоа кои земји би можеле воено да ѝ помогнат на Украина за да ја одврати Русија од повторен напад откако ќе се постигне конечно примирје.