Макрон најави дополнителни 4,2 милијарди евра за одбраната на Франција во вселената

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави нова инвестиција од 4,2 милијарди евра до 2030 година за зајакнување на одбранбените капацитети на Франција во вселената, предупредувајќи на зголемените закани, особено од Русија.

Претставувајќи ја новата француска вселенска стратегија до 2040 година во седиштето на Свемирската команда во Тулуз, Макрон истакна дека Франција мора да развие современи технологии за заштита и дејствување во вселената, вклучително и ракети за повеќекратна употреба „подобри од оние на SpaceX на Илон Маск“.

„Војната веќе денес се води во вселената, а утрешната ќе започне таму“, изјави Макрон, додавајќи дека Франција веќе се соочува со „руски активности на шпионирање на сателити, масовно попречување на GPS сигналите, сајбер-напади врз вселенската инфраструктура и тестирања на противсателитско оружје“.

Тој нагласи дека новите средства се дополнителни на шесте милијарди евра кои веќе се издвоени за воени капацитети во вселената во рамки на Законот за воено планирање. Покрај тоа, повеќе од 16 милијарди евра се наменети за цивилни вселенски активности, вклучувајќи програми со двојна (цивилна и воена) намена.

И покрај ова зголемување, Франција би можела да изгледа послаба во однос на Германија на претстојната министерска конференција на Европската вселенска агенција (ESA) што ќе се одржи на 26 и 27 ноември во Бремен. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус неодамна најави дека Германија ќе инвестира 35 милијарди евра во својата вселенска одбрана до 2030 година, со цел да се спротивстави на воените капацитети на Русија и Кина.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни