Македонските филмски класици повторно на големото платно по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Кинотеката на Северна Македонија и оваа година ќе се вклучи во глобалното одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, кој се слави на 27 октомври.

Овој ден е посветен на зачувувањето и афирмацијата на филмското и аудиовизуелното културно богатство ширум светот, а го прославуваат архиви, кинотеки, филмски музеи и институти со разни активности и настани.

Во рамки на одбележувањето, во понеделник (27 октомври) во 12 часот, во кинотечното кино ќе се одржи блу-реј промоција на култниот македонски филм „Мис Стон“ на режисерот Живорад Жика Митровиќ од 1958 година. Со тоа Кинотеката ќе потсети на значењето на овој класик кој остави длабока трага во македонската и балканската кинематографија.

Дополнително, до крајот на октомври во вечерните термини ќе бидат прикажани филмски наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат значајни јубилеи. На репертоарот од 27 до 31 октомври ќе се најдат: „Денови на искушение“, „Волчја ноќ“, „Оловна бригада“, „Контакт“, „Ангели на отпад“, „Јад“ и „Време, води“.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на усвојувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на Генералното собрание на УНЕСКО во 1980 година. Подоцна, во 2015 година, УНЕСКО ја прошири оваа иницијатива со нова препорака за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучувајќи го и она во дигитална форма.

Со своето учество, Кинотеката уште еднаш ја потврдува својата мисија – зачувување, негување и промоција на богатото македонско филмско наследство.

Извор: Рацин.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни