Први април во Македонија носи невообичаено студено и променливо време, со дожд во пониските и снег на повисоките места. Утрово снег провејува во Маврово и Крушево, како и на планинските премини Стража и Ѓавато, додека на патот кон Попова Шапка, во правец кон селото Лисец, има густа магла и намалена видливост до 20 метри.
Според информациите за состојбата на патиштата, сообраќајот на државните патишта засега се одвива непречено и сите патни правци се проодни. Сепак, на делниците што минуваат низ усеци и клисури можна е појава на помали одрони, па се препорачува повнимателно возење.
ЈП „Македонија пат“ апелира возачите да управуваат внимателно, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.
Времето денеска во Македонија ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките места дождот ќе преминува во дожд и снег, додека на планините се очекуваат врнежи од снег. Во југоисточните делови има и услови за ретки грмежи, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од северен правец.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со услови за повремен дожд и со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе достигне до 12 степени.