Скопје подготвено за арена-спектакл со Mahmut Orhan

На 26 декември, светски познатиот турски диџеј и продуцент ќе настапи во Арена „Борис Трајковски“ со специјално креиран сет и продукција наменета за големи арени

Вечерва Скопје ќе стане сцена на ексклузивен музички спектакл. Во Арена „Борис Трајковски“, пред домашната публика ќе настапи светски познатиот турски диџеј и продуцент Mahmut Orhan, носејќи уникатно арена-искуство во рамки на настанот „Mahmut Orhan – The Arena Experience“, во организација на Music Rituals.

Препознатлив по својот автентичен спој на електронска музика, ориентални мотиви и длабоки мелодични линии, Mahmut Orhan зад себе има настапи на некои од најпрестижните светски фестивали и клубски сцени. За македонската публика, тој подготвува специјално осмислен арена-сет, придружен со врвна продукција, впечатливи визуелни ефекти и целосно имерзивно аудио-визуелно доживување.

Настанот е замислен како повеќе од класичен концерт – како целосно искуство што ја спојува енергијата на глобалната електронска сцена со капацитетот и атмосферата на голема арена. Организаторите најавуваат продукција според светски стандарди, со звук и визуелна естетика што ретко се гледа на домашната музичка сцена.

„Со овој проект сакаме да поставиме нови стандарди за големи музички настани кај нас. Mahmut Orhan е артист кој носи светска продукција и визија, а нашата цел е публиката да го доживее тоа на највисоко можно ниво“, посочуваат од тимот на Music Rituals.

Настапот на Mahmut Orhan се најавува како кулминација на музичката година и како момент во кој Скопје ќе се позиционира како регионален центар на електронската сцена во последните денови од декември. Воедно, настанот е дел од пошироката стратегија на Music Rituals за афирмација на Македонија како релевантна дестинација за големи меѓународни музички продукции, со фокус на современ звук, модерна визуелна естетика и искуства споредливи со европските и светските метрополи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни