По концертот „Maglota Live“ што на 30 јуни 2025 година во Македонската филхармонија остави силен впечаток кај публиката, ова музичко остварување сега добива и своја винилна форма. Слушачката промоција на грамофонската плоча ќе се одржи на 3 март 2026 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, во просторот на Аудиокултура во Скопје.
Настанот е замислен како интимна средба посветена на внимателно и заедничко слушање, разговор и споделување, а не како класична промоција. Во фокусот ќе биде искуството на звукот во неговата целосност – преку топлината и физичкото присуство на винилот.
„Maglota Live“ претставува звучен документ на комплексен и колективен музички чин во кој се среќаваат Маглота секстетот на Јордан Костов и Хорот „Св. Злата Мегленска“, под диригентската палка на Летка Димовска-Полизова. Делото создава слоевит и постојано променлив звучен пејзаж во кој се преплетуваат различни културни традиции, инструментални практики и вокални текстури.
Музиката функционира како отворен систем – архитектура од звук со намерно оставени празнини, во кои секоја нова изведба и контекст внесуваат нови значења. Наместо да тежнее кон фиксна форма, делото останува флуидно, импровизаторско и трансформативно.
Особено значајна е меѓународната постава на Маглота секстетот, составен од музичари со различни културни и инструментални позадини – од Виетнам, Кина, Бразил и Русија. Наместо да ги репрезентираат сопствените традиции, тие создаваат заеднички импровизаторски јазик. Во таа звучна мрежа, хорот има клучна улога како колективен глас што внесува длабочина и ритуална димензија.
На промоцијата ќе бидат достапни винил-изданието „Maglota Live“ по промотивна цена од 1500 денари, како и маици од албумите „Maglota“ и „Asphalt Calcutta“ по цена од 700 денари. Со секоја купена плоча или маица, посетителите ќе добијат код за бесплатно дигитално симнување на четирите досега издадени албуми на Јордан Костов за Аксиома: „Maglota Live“, „Maglota“, „Asphalt Calcutta“ и „Kichobal“.
Настанот е отворен за љубителите на џез, етно, експериментална, импровизирана и современа музика, како и за сите што сакаат да ја искусат моќта на колективното слушање.