Со претставата „Магбет“, компилациски проект на повеќе театри во режија на Никита Миливојевиќ, на 23 јуни со почеток во 20 часот, стартува деветтото издание на „Битола Шекспир фестивал“. Годинава тој се одржува под мотото „Судбината за играчка нè има“.
„Ние и како театарџии и како актери и како луѓе живееме во едно многу несигурно време во кое што оваа реплика според мене звучи поавтентично од било кога. Тоа е всушност и големината на Шекспир, бидејќи тој е актуелен и денес. Оваа реплика може да ја каже буквално секое младо момче кое секојдневно би го сретнале. Затоа се одлучивме токму за оваа реплика која што значи многу, па дури може да се направи и тоатален театарски концепт и претстава“, вели Илина Чоревска, уметничка раководителка на Народниот театар Битола.
„Со оглед на тоа дека е инспирирана од разни слики од соништата, би можел да кажам дека главниот лик во претставата е – Сон.
Реално и нереално, можно и невозможно, реално и фиктивно, се мешаат толку многу што понекогаш е невозможно да се разликуваат. Не се знае точно каде едното завршува, а другото почнува. Тие стануваат работ на ножот што тој несигурно го движи цело време. ‘Светот како целосно хаотично, нереално место – мислам дека е прилично точна дијагноза на она што го живееме во моментов’, вели режисерот Миливојевиќ.
Фестивалот годинава ќе се одвива во два дела.
“Вториот дел од фестивалот ќе се одржи во октомври кога ќе бидат изведени претставите ‘Хамлет’ во режија на Бранко Брезовец, продукција на ‘Војдан Чернодрински – Прилеп и претставата ‘Денот на убиствата во историјата на Хамлет’, во режија на Марјан Неќак, продукција на НУ Народен театар – Битола“, посочува Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар Битола.
Програмата на 9. издание на „Битола Шекспир фестивал“ освен на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“, ќе се реализира и на новата сцена на НТБ и во мала сала на НУ Центар за култура – Битола.
Од 23 до 29 јуни публиката ќе ужива во театaр, а ќе се одржуваат и работилници за децa чија цел е тие да се запознаат со делата на Вилијам Шекспир. Дел од програмата е и танцовата претстава „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин која ќе се одржи на 26 јуни (20 ч.). Во рамките на Офф програмата се ангажирани и два бенда. Фестивалот ќе заврши на 29 јуни со концерт на Марија Жуао, светска музичка ѕвезда која доаѓа од Португалија со проектот „Песни за Шекспир“.