Ако сте забележале ненадејна акумулација на брчки, болки или општо чувство дека сте остареле речиси преку ноќ, може да има научно објаснување за тоа. Истражувањата сугерираат дека наместо бавен и стабилен процес, стареењето се случува нагло во најмалку два наврати.
Студијата, која следела илјадници различни молекули кај луѓе на возраст од 25 до 75 години, открила два големи бранови на промени поврзани со стареењето, еден на околу 44 години и вториот на 60 години. Ваквите наоди ги објаснуваат наглите појавувања на здравствени проблеми, вклучувајќи мускулно-скелетни проблеми и кардиоваскуларни болести кои се јавуваат на одредени возрасти.
„Не се менуваме постепено со текот на времето. Се случуваат драматични промени наеднаш“ изјави професорот Мајкл Снајдер, генетичар и директор на Центарот за геномика и персонализирана медицина на Универзитетот Стенфорд и постар автор на студијата.
„Излегува дека средината на 40-тите е време на драматични промени, како и раните 60-ти – и тоа е точно без разлика на која класа на молекули гледате“ вели професорот.
Истражувањето следело 108 волонтери, кои поднесувале примероци од крв и столица, како и брисеви од кожа, орални и назални брисеви на секои неколку месеци во период од една до речиси седум години. Истражувачите разгледувале 135.000 различни молекули (РНК, протеини и метаболити) и микроби (бактерии, вируси и габи кои живеат во цревата и на кожата на учесниците).
Најголемиот дел од молекулите и микробите не се менувале постепено и хронолошки. Кога научниците бараале кластери на молекули со најголеми промени, откриле дека овие трансформации имаат тенденција да се случуваат кога луѓето биле во средината на 40-тите и раните 60-ти години.
Скокот на стареењето во средината на 40-тите бил неочекуван и првично се претпоставувало дека е резултат на перименопаузалните промени кај жените кои ги искривуваат резултатите за целата група. Но, податоците откриле дека слични промени се случуваат и кај мажите во средината на 40-тите години.
„Ова сугерира дека иако менопаузата или перименопаузата може да придонесат за промените забележани кај жените во средината на 40-тите години, веројатно постојат други, позначајни фактори кои влијаат на овие промени и кај мажите и кај жените“, вели д-р Ксијаотао Шен, поранешен постдокторски научник на Медицинскиот факултет Стенфорд и првиот автор на студијата.
Првиот бран на промени вклучувал молекули поврзани со кардиоваскуларни болести и способност за метаболизирање на кофеинот, алкохолот и липидите. Вториот бран на промени вклучувал молекули активни во имунолошката регулација, метаболизмот на јаглени хидрати и функцијата на бубрезите. Молекулите поврзани со стареењето на кожата и мускулите се менувале во двете временски точки. Претходните истражувања сугерираа дека подоцнежниот скок на стареењето може да се случи околу 78-годишна возраст, но најновата студија не може да го потврди тоа бидејќи најстарите учесници имале 75 години.
Моделот се совпаѓа со претходните докази дека ризикот од многу болести поврзани со возраста не се зголемува постепено, при што ризикот од Алцхајмерова болест и кардиоваскуларни болести покажува нагло зголемување по 60-тата година. Исто така, можно е некои од промените да бидат поврзани со животниот стил и однесувањето на луѓето.
Извор: Гардијан