Луѓето изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот имаат поголема веројатност да развијат тип на тумор на мозок кој обично не предизвикува рак, но може да доведе до други здравствени проблеми, покажува нова студија.
Менингиомите се најчестиот тип на примарен тумор на мозокот и растат доволно бавно за да поминат години пред да бидат откриени. Тие се развиваат во мембраните кои го обвиваат мозокот и рбетниот мозок.
Ретко се канцерогени, но менингиомите можат да предизвикаат други попречености преку притисок врз блиските мозочни ткива, нерви или крвни садови.
Во студијата, истражувачите следеле речиси четири милиони возрасни лица во Данска во период од 21 година. Околу 16.600 луѓе развиле тумори на централниот нервен систем, од кои околу 4.600 биле менингиоми.
Потоа, истражувачите ја процениле нивната изложеност на различни видови загадување на воздухот – на пример, сообраќајни емисии и дизел загадување – во период од десет години.
Поголема изложеност на загаден воздух значи поголем ризик од менингиома, покажа анализата – но не беше пронајдена силна врска помеѓу загадувањето и поагресивни тумори на мозокот, како што се глиомите.
Најголемите ризици доаѓале од ултрафини честички што потекнуваат од издувни гасови, чад и емисии.
Студијата не докажува дека загадувањето на воздухот директно предизвикува менингиома, туку дека постои врска помеѓу двете.
Но, таа се надоврзува на растечките докази дека загадениот воздух е штетен за здравјето на луѓето. Други истражувања покажале дека ултрафините честички можат да ја преминат крвно-мозочната бариера и да му наштетат на мозочното ткиво.
„Иако истражувањата за здравствените ефекти од ултрафините честички сè уште се во рана фаза, овие резултати укажуваат на можна врска помеѓу изложеноста на честички од сообраќајот и развојот на менингиома,“ изјави Ула Хвидтфелт, една од авторките на студијата и виша научничка во Данскиот институт за рак.
Таа додаде дека истражувањето покажува оти „загадувањето на воздухот може да влијае на мозокот – не само на срцето и белите дробови.“
Студијата е објавена во списанието Neurology, медицинскиот журнал на Американската академија за неврологија.
Овие наоди исто така фрлаат ново светло врз менингиомите, бидејќи научниците сè уште не знаат точно што ги предизвикува. Други познати ризици вклучуваат изложеност на радијација – особено во детството – и генетска состојба наречена Неврофиброматоза тип 2.
Сепак, студијата има одредени ограничувања – истражувачите ја процениле изложеноста на луѓето врз основа на квалитетот на надворешниот воздух во нивните населби. Не биле земени предвид изложеноста на загаден воздух на работното место или времето поминато во затворени простории.
„Потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат овие резултати, но ако чистењето на воздухот може да го намали ризикот од тумори на мозокот, тоа може да направи значајна разлика за јавното здравје,“ рече Хвидтфелт.