Варикозните вени се чест здравствен проблем кој ги засега голем број луѓе. Освен фактот дека можат да предизвикаат непријатност и естетски нарушувања, сè повеќе се истражуваат нивните можни врски со посериозни здравствени состојби.
Милиони луѓе кои имаат проширени вени би можеле да бидат изложени на значително поголем ризик од развој на деменција, според една голема корејска студија. Истражувачите анализирале податоци од речиси 400.000 возрасни лица со просечна возраст од 56 години, од кои околу 5.000 имале проширени вени, и откриле дека тие испитаници имале дури 23,5% поголема веројатност да им биде дијагностицирана деменција.
Оваа поврзаност остана значајна дури и откако беа земени предвид фактори како што се возраста, полот, телесната тежина, пушењето и консумирањето алкохол. Мажите, пушачите и луѓето кои редовно консумираат алкохол имале особено висок ризик.
„Иако не е сосема јасно зошто проширените вени се поврзани со деменција, експертите се сомневаат дека причината може да биде послабата циркулација, познат фактор на ризик за оштетување на мозокот“, објавува „ Дејли меил“ и „Индекс.хр“ .
Исто така, се претпоставува дека проширените вени можат да предизвикаат воспалителни процеси во телото што го забрзуваат оштетувањето на мозочното ткиво.
Добрата вест е дека оние кои биле третирани за проширени вени имале 43% помал ризик од васкуларна деменција – форма на деменција предизвикана од намален проток на крв во мозокот, често предизвикана од микроинфаркти.
Варикозните вени не се ретка појава – иако најчесто се појавуваат на нозете, можат да се појават и на други делови од телото. Факторите на ризик вклучуваат продолжено стоење или седење, пушење и прекумерна тежина.