Во време кога младинската култура сè повеќе се преселува во дигиталните простори, LoVERAve Neon Bloom ја враќа енергијата таму каде што таа припаѓа – во жив контакт меѓу артистите и публиката, на сцената и пред неа. На 20 и 21 март, Младинскиот културен центар (МКЦ) повторно ќе стане простор на музичко поврзување, авторска слобода и генерациски дијалог.
Фестивалот нуди платформа што доследно ја поддржува независната музичка сцена, со артисти што создаваат од потреба, а не од тренд. Концептот на ова пролетно издание се темели на поврзување на различни музички изрази – од алтернативни бендови и урбана продукција до електронска култура со меѓународен калибар.
Првиот ден носи бендови, DJ сетови и хип-хоп сцена
Првиот фестивалски ден, на 20 март со почеток во 18 часот, е фокусиран на артисти кои се во креативен подем и веќе имаат оформен музички идентитет. Настанот ќе се одвива на две сцени во МКЦ.
На сцената во Dancing салата ќе настапат Fantom Start Project, TMUR, The Ooz, Perseida, Golemata Voda, Ilija и Дивите, Karma Scale и Katran, додека за DJ сетот ќе се погрижи DJ Indog.
Во Клуб МКЦ ќе се одржи хип-хоп програмата во која ќе настапат Dare & Џеков, Bagzi, Mechkarov, Krafi, Kolo, Klinika, Zabata, Oleg, Dre, OS Portero, Uzi, Trim, DSSH, Hyper Tech и Darko Stepic.
Присуството на малолетници е дозволено до полноќ.
Вториот ден е посветен на електронската музика
Вториот фестивалски ден, на 21 март со почеток во 19 часот, ја отвора вратата кон електронската култура како форма на колективно искуство. Програмата ќе се одвива на два паралелни стејџа – techno и trance.
Во Клуб МКЦ, на техно сцената ќе настапат Melani Digit, Маци Стојановиќ, Nasty Deluxe, The Electronic Advance, Горан Кан и BB14.
Во Dancing салата, на транс сцената, публиката ќе може да ги слушне Mr LoVERAve, Omnium, Celestial Intelligence, Djantrix, Sattelite и Navigator.
Простор за независната музичка сцена
LoVERAve Neon Bloom 2026 ја потврдува својата позиција како независна културна иницијатива што создава простор за авторска музика, генерациско поврзување и одржување на урбаниот културен континуитет во Скопје.
Фестивалот е отворен за публика од различни возрасти и афинитети, со внимателно курирана програма што го нагласува квалитетот, автентичноста и заедничкото искуство како централни вредности.