Локални решенија, европски вредности – Успешно завршен првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој

Преку формирањето на Ресурсен центар дополнително ќе биде дадена поддршка за развој на локалните самоуправи

Во организација на Програмата „ЕУ за општините“, финансирана од Европската Унија, во Скопје се одржа првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој и вмрежување. Настанот ги обедини општините од Северна Македонија и нивните партнери од земјите-членки на Европската Унија со цел размена на добри практики, презентација на иновативни решенија и поттикнување нови соработки за одржлив развој на локално ниво.

Настанот беше официјално отворен од министерот за локална самоуправа, Златко Перински и програмскиот менаџер во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Енцо Дамиани, кои во своите обраќања упатија силна порака за значењето на локалната самоуправа во процесот на приближување кон Европската Унија.

Министерот Перински посочи дека партнерството меѓу Владата, општините и Европската делегација е од суштинско значење за успешната интеграција на земјава во Европската Унија, додавајќи дека интеграцијата во ЕУ не е само политичка цел, туку и процес на длабоки реформи кои го подобруваат животот на граѓаните.

“Преку формирањето на Ресурсен центар дополнително ќе биде дадена поддршка за развој на локалните самоуправи. Фокусот е ставен на три компоненти, на поддршка за проектен менаџмент, зајакнување на административните капацитети на општините и забрзување на дигиталната трансформација. Особено е значајна соработката во рамки на програмите финансирани од ЕУ, како што е „ЕУ за општините“, кои овозможуваат иновативни решенија за подобрување на локалните услуги и поттикнување на локален економски развој.“, истакна министерот за локална самоуправа во својот воведен говор.

Од страна на ЕУ Делегацијата во земјава, програмскиот менаџер Енцо Дамиани нагласи дека ЕУ интеграцијата започнува токму на локално ниво. Тој подвлече дека Програмата „ЕУ за општините“ обезбедила поддршка за речиси сите 81 општина во земјата, со конкретни резултати во многу области, меѓу кои и урбана мобилност, дигитализација, енергетска ефикасност и управување со отпад.

„Со поддршка од ‘ЕУ за општините’ се воспостави и Организација за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион, која веќе остварува регионална и прекугранична соработка со општини од Грција и Германија. Дополнително, функционира и специјализирана служба за поддршка (Helpdesk) која досега одговорила на речиси 1.000 различни барања од општините. Сакам да ја изразам искрената благодарност до сите општини, институции и партнери кои покажаа дека европските вредности се веќе присутни и на локално ниво во земјата“, истакна во своето поздравно обраќање програмскиот менаџер во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Саемот ги обедини претставниците на локалната самоуправа, министерства, делегации од Германија и Грција, како и граѓански организации и експерти. На осум изложбени штанда беа презентирани решенија ко-финансирани од ЕУ, како и добри практики за менаџмент на дестинации, одржлива мобилност и поддршка за општините. Настанот послужи и како платформа за нови партнерства, билатерални средби и размена на искуства меѓу домашни и меѓународни чинители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни