100 дена без прекин
Денес, во подножјето на планината над преспанското село Љубојно, мештаните застануваат на истото место по стоти пат. Без прескокнат ден, без прекин. Секое утро, неколку десетици жители излегуваат на патот што води кон шумата и ја повторуваат истата порака: „Шумата не ја браниме од инает, туку од потреба.“
Како започна сето тоа
Протестите започнаа во август, кога жителите првпат забележаа дека на падините над селото се изведува сеча на дрвна маса. Теренот е чувствителен, веднаш над селскиот водовод и на местото каде што шест долови директно водат кон селото — природна конфигурација што го штити Љубојно од поројни води и ерозија. Мештаните предупредуваат дека секое разредување на шумата може да значи зголемен ризик од поплави, какви што веќе беа забележани летово.

Протест што не престанува
Иако бројот на учесници не е голем, упорноста на луѓето е она што го прави овој протест посебен. Сто дена по ред жителите се ротираат, поставуваат барикади, истураа песок за да спречат пристап, а неколкумина веќе беа казнети за блокирањето на патот. Ниту една казна и ниту еден административен притисок не го прекина протестот.
Проблемот е поширок од самата сеча
Она што со текот на времето станува уште поочигледно е дека Љубојно не протестира само против сечата. Селото протестира и против начинот на кој се носат одлуки што директно ја засегаат нивната безбедност. Жителите велат дека не биле консултирани, дека не добиле информации за тоа дали е направена независна процена на ризиците, и дека институциите не им објасниле зошто е неопходна интервенција во толку чувствителна зона.

Селото се разбуди како заедница
Во меѓувреме, селото доживеа необична промена. Љубојно се разбуди како заедница. Последните недели донесоа организирани акции за чистење, средување на патеките, уредување на изворите и поголемо учество на млади семејства. Иселениците, кои одамна се оттргнати од секојдневниот живот во селото, почнаа да се вклучуваат со поддршка, набавки и логистика. Од запоставено село, Љубојно постепено се претвора во група луѓе што функционира со јасна цел и заеднички глас.
„Ова е борба за опстанок“
Според организаторите, борбата што ја водат не е само еколошко прашање. Таа е прашање на опстанок. „Ако шумата се разреди, го губиме единствениот природен штит што нè брани од поројни води. Ние не бараме привилегии, бараме гаранција дека селото ќе биде безбедно“, велат тие.
Институциите, од своја страна, тврдат дека сечата е „планска и регуларна“, но жителите нагласуваат дека не им е презентирана документација која уверува дека проценката на ризик е адекватна на реалната состојба на терен.
Стотиот протест како симбол
Денес, за стоти пат, тие повторно се враќаат на истото место. Со истата решителност и со истата порака: шумата над Љубојно не е бројка во планските таблици, туку дел од заедницата што ги штити од поплави, одрони и разурнување. Иако селото е мало, велат жителите, оваа борба одамна прерасна рамки поголеми од него.
