Литературната критичарка и теоретичарка Елизабета Шелева за поемата ,,Денес“ од Славе Ѓорѓо Димоски

Поемата ,,Денес“ од македонскиот поет, критичар и есеист Славе Ѓорѓо Димоски ја доби наградата ,,Григор Прличев“ за најдобра поема во 2023, a годинава издавачката куќа ПНВ Публикации го објави нејзиното трето издание
поемата ,,Денес“ од Славе Ѓорѓо Димоски
фото: Фб профил на поетот

Освежување на канонскиот модел на жанрот ‒ Поемата „Денес“ од Славе Ѓорго Димоски

Уште на прв поглед се издвојува по својот урбан, современ пристап и тематика, како концепциски доследно осмислено и кохерентно остварено пеење. Оваа ангажирана и длабоко засегната творба, нуди критички и длабоко резигниран пресек на актуелните состојби во светот, низ приемчиво обликувана експресија и впечатливи афористични поенти, на места, проникнати и со доза на духовитост (квалитет, што е инаку прилично редок и неочекуван во лириката). Како што може да се види, лексемата „денес“, која фигурира како наслов на самата поема, во текот на самиот текст воедно се повторува во неколку наврати, небаре маркантен и горчливо интониран лајтмотив, збогатен со повеќезначна слоевитост и симболика. Судејќи според резигнираниот тон на лирскиот субјект, денешнината не е нималку розова, ниту утешна, а најмалку од сѐ е продуховена и благородна.

Поемата „Денес“ остварува драгоцени проникнувања и созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси, како што се, на пример: постхуманизмот, масовниот хазард (коцкањето со судбината на светот), миграциите, епидемиите и тековните војни (што веќе и директно може да ги следиме преку ТВ-екраните). Сепак, тоа пеење и тоа „епохално“ созвучје во овој лирско-епски пев не се одвиткува  низ  (соголен) публицистички, туку низ лично облагороден (интимен) дискурс, преку беспоштедно преиспитување (и цинично себесоголување) на сопствениот идентитет, но  и актуелната егзистенцијална  тегобност ширум светот; низ отворено соочување со  дилемата (неизвесноста) на себеперцепцијата и перцепцијата на другиот („дали секој од нас е едно непоставено прашање?“). Во средиштето на лирското промислување е ставена актуелната криза на субјектот и преиспитувањето на идентитетот, во состојба на повеќекратно умножена неизвесност; соочувањето со радикалната испразност на нашето (не)време, низ трајниот модус на себезапрашаност : кој(а) сум јас, „чија претстава сум“, можна ли е комуникацијата (но, и суштинската љубов и разбирачка) со себе и со другиот?

Поемата „Денес“, покрај спектарот на тревожни и длабоко анксиозни чувства, ја открива и неотповикливата клаустрофобија, што лирскиот субјект ја споделува заедно со своите сонародници, осудени на тоа, постојано и под надворешна принуда, да го смалуваат делокругот на своите слободи и „надлежности“: „Живеееме во земја, која / Секому положува сметки, која покајнички / Се собира во куќа од полжав… Дома ми е тесно. Надвор ми е тесно“). Едноставно кажано, теснотилакот е претворен и препознаен како егзистенцијална и национална „равенка“. Заедно со таа фатална тегобност на (расположивиот) простор – лирскиот субјект е свесен за, и соочен со, временскиот јазол (граничноста), проточноста на постоењето („можеби веќе двајцата сме еден ретровизор“), нерешливата енигма на припадноста („мојот живот е привидна спротивност на сѐ… не припаѓам никому“), прашањето на апсолутната (априорна) вина („нема ни миг за нешто да не се чувствувам / виновен“).  

фото: Фб профил на поетот

Гледано од формален аспект, поемата „Денес“ е испишана во вид на луцидни, гномски обликувани  стихови, самите во себе заокружени како сликовити егзистенцијални поенти („група бегалци со својот дом на рамо“; „татковината… повеќе ја отстапуваме, отколку што ја имаме“; „и самото време си го јаде сопственото време“). Економичноста во исказот, дополнета со сугестивни поетски слики (и споредби) овозможува радикално себесоголување („празнината в заби ја носам како верно куче; „ако сум мртов ќе знам, ако можам да знам“). Покрај тоа, поемата „Денес“ ‒ со своето мотивско и јазично решение ‒ донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика на традиционалната поема – односно, канонскиот урнек на поемата како жанр, којшто не мора (не треба) обврзно да биде и да остане заложник на минатото и на неговите востановени жанровски обрасци и реторика. Композициски, поемата содржи три дела, секој составен од три пеења, проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказна. Во поемата провејува свеж, урбан (понекогаш и жаргонски груб, нималку еуфемистичен) лирски тон – кој оди наизменично како своевиден контрапункт, што алудира на општата (глобалната) и интимната (персоналната) состојба на криза. Оттука, зад фонот на несомнено присутната и глобално изразена криза, воедно ја сведочиме и интимната драма на лирските Тој и Таа, во која се испреплетуваат неможноста за дијалог, комплетната „замрзнатост“ како (непремостлива) духовна состојба, но и потребата за допир и за сакралност (што се изразува низ одбраните библиски референци).

Што се однесува до самиот исказ, поемата се одликува со економичност,  неочекувани дискурзивни решенија и луцидни стихови, кои имаат ефект на сликовити егзистенцијални поенти. Поемата завршува со слика на „празен подиум“, додека „победникот и поразениот / седат на исто место“. Овој гномски обликуван (но значенски слоевит) исказ, поместен како ефектна завршница  на самиот крај на поемата,  укажува на суштинската и црно-хуморна изместеност на позицииите (улогите) на победникот и поразениот – на тој начин, нудејќи апокрифно излегување од схематскиот, црно-бел принцип на видување, одмерување и вреднување на егзистенцијалната борба, поразот и победата.

Оттука, лирскиот субјект во поемата „Денес“, по долго (и не само просторно, културално – ами и духовно, односно душевно) талкање – кое се протега од студениот зимски предел до Париз, потем, од Тел Авив до Ерусалим – на крајот, се чини, пронаоѓа конечна епифанија „во тивкото… ноќно ветре“ во Охрид, 2022 година (како суштествена, просторно-временска кота и сигнификантна одредница на неизвесната самопотрага), превозмогнувајќи го токму на ова свето место долгиот и макотрпен процес на (колку бунтовно, толку и резигнирано) умножување на сомнежот (во секаква извесност и одбранлива смисла на постоењето), рамо до рамо со исцелителната верба, што на крајот катарзично се открива и обликува, во неизбежен, и не само „епохален“, а пред сѐ личен (длабоко интимен и творечки) потфат и доживотен предизвик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни