Американската скијачка легенда Линдзи Вон се соочува со сериозна здравствена битка по тешката несреќа што ја доживеа за време на спустот на Зимските олимписки игри во Милано–Кортина. 41-годишната олимпијка претрпе комплексна фрактура на тибијата, а нејзината состојба специјалистите ја опишуваат како деликатна и неизвесна, објави „Дејли Меил“.
Вон досега поминала низ три операции во болница во Тревизо, под раководство на доктор Стефано Занарела. Според медицинскиот тим, станува збор за исклучително сложен случај кој бара постојан надзор и координација на повеќе специјалисти.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата на францускиот ортопед доктор Бертран Сонери-Коте, кој предупреди дека ваквите повреди во одредени случаи можат да завршат со ампутација. Тој нагласи дека во оваа фаза најважно е да се зачува екстремитетот и да се овозможи пациентката повторно да може нормално да оди.
Фотографиите што ги објави Вон на социјалните мрежи покажуваат надворешен фиксатор поставен на ногата, што укажува дека фрактурата сè уште не е целосно стабилизирана. Медицинските проценки упатуваат дека повредата веројатно вклучува повеќекратни фрагменти на коска и можно оштетување на меките ткива, нервите или мускулите – фактори кои дополнително ја комплицираат прогнозата и го продолжуваат процесот на закрепнување.
Во овој момент, враќањето во професионалниот спорт не е тема на разговор. Главниот приоритет за Линдзи Вон и нејзиниот медицински тим останува стабилизација на состојбата, спречување компликации и зачувување на екстремитетот. Периодот на рехабилитација се очекува да трае со месеци, а исходот ќе зависи од развојот на постоперативната состојба.