Либанскиот претседател бара американска интервенција за запирање на израелските напади

УНИФИЛ соопшти дека израелската војска навлегла во неколку либански села во близина на т.н. Сина линија, разграничувачката линија меѓу Либан и Израел

Либанскиот претседател Џозеф Аон побара од САД да интервенираат со цел да се запрат израелските напади, соопшти неговиот кабинет. Барањето било упатено за време на средбата со американскиот амбасадор Мајкл Иса на која се разговарало за актуелната безбедносна состојба во Либан и поширокиот регион на Блискиот Исток.

Во меѓувреме, мировната мисија на Обединетите нации во Либан – United Nations Interim Force in Lebanon (УНИФИЛ) – соопшти дека израелската војска навлегла во неколку либански села во близина на т.н. Сина линија, разграничувачката линија меѓу Либан и Израел утврдена од ОН. Засега не се објавени детали за обемот и времетраењето на тие упади.

Од своја страна, израелската армија – Israel Defense Forces (ИДФ) – претходно информираше дека умерено ја проширила својата „безбедносна зона“ во јужен Либан, додавајќи нови подрачја кон петте позиции што ги контролира од примирјето во ноември 2024 година. Според Северната команда на ИДФ, во моментов не се очекува поширока копнена инвазија врз Либан.

Целта е одвраќање на Хезболах

Израелската војска тврди дека проширувањето на зоната има за цел да го одврати Хезболах од евентуални напади или обиди за инфилтрација кон израелска територија. Дополнително, од ИДФ посочуваат дека организацијата би можела значително да ослабне без иранска поддршка, особено поради можни загуби во финансирањето и воената обука.

Според израелските проценки, комбинацијата од овие фактори во иднина би можела да доведе до обид либанската армија да го разоружа Хезболах, иако се нагласува дека групата и понатаму располага со значајна воена и политичка моќ, што ја прави ситуацијата неизвесна. ИДФ наведува и дека најголем дел од ракетите што Хезболах ги истрелал кон Израел завршиле во морето или на ненаселени подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни