Илјадници летови беа откажани за време на викендот низ Блискиот Исток и Заливот, откако неколку држави го затворија својот воздушен простор по нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран.
Бахреин, Ирак, Јордан, Кувајт, Катар и Обединети Арапски Емирати се меѓу земјите што најавија целосно или делумно затворање на воздушниот простор, принудувајќи ги авиокомпаниите да ги суспендираат, откажат или пренасочат летовите. Десетици илјади патници останаа заглавени низ светот, објави Euronews.
Погодени клучни аеродроми
Судирот доведе до затворање на клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха и откажување на повеќе од 1.800 летови на големите блискоисточни превозници, според аналитичката компанија Cirium.
Од околу 4.218 планирани летови во саботата, откажани биле 966 (22,9%). За недела се откажани 716 од 4.329 планирани летови.
Според FlightAware, до недела во 3:30 часот по средноевропско време глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови, а откажани над 2.600.
Патниците во неизвесност
Не е јасно колку долго ќе траат нарушувањата во воздушниот сообраќај. Патниците остануваат во неизвесност, а авиокомпаниите ги повикуваат редовно да го проверуваат статусот на летот.
„Никој не знае“, изјавил еден патник за медиумите. „Никој навистина не знае што се случува со конфликтот.“
Напади врз аеродроми и воени бази
Како одмазда за нападите на САД и Израел, Иран изврши серија удари врз Израел и врз заливските држави каде што се наоѓаат американски воени бази.
Во Обединетите Арапски Емирати беа пријавени инциденти на два аеродрома. Од Меѓународниот аеродром во Дубаи соопштија дека има четири повредени лица, додека од аеродромот во Абу Даби беше соопштено дека едно лице загинало, а седум се повредени во напад со дрон. Напади се пријавени и на аеродромот во Кувајт.
Воздушниот сообраќај сè уште во прекин
Картата на FlightRadar24 покажа дека главниот воздушен коридор исток–запад над Ирак, инаку една од најпрометните „воздушни автопатишта“ меѓу Азија и Европа, е речиси целосно празен.
Најмалку 145 авиони што летале кон градови како Тел Авив и Дубаи биле пренасочени кон Атина, Истанбул или Рим, додека дел се вратиле на почетната точка.
Голем број светски авиокомпании привремено ги суспендираа летовите кон Блискиот Исток, меѓу нив Emirates, Etihad, Qatar Airways, Lufthansa Group, Air France, British Airways, Finnair, Delta Air Lines и други.
Право на обештетување
Експертите за заштита на потрошувачи посочуваат дека поради „вонредни околности“ патниците немаат право на финансиска отштета за одложени или откажани летови. Сепак, авиокомпаниите се должни да обезбедат грижа – храна, пијалаци и по потреба сместување. Во случај на откажан лет, патниците имаат право на целосен поврат на средствата.
Ситуацијата останува динамична, а властите најавуваат нови информации во текот на деновите што следуваат.