Ленка треба да биде платена

Мурал на Бранкица Јордановска

Пред неколку недели следев предавање на една наша реномирана професорка кое навистина ме инспирираше. Особено ме допре кога кажа дека на мажите им одговара дихотомијата за улогата и статусот на жената во општеството. Оној неолиберален тренд „да се користи жената и нејзиниот труд, а да не се признава“ е континуитет. 

Навистина ме свести. И ме вознемири. Но, во борбата против работничкото угнетувањето на жените, вознемиреноста, па ни гневот не се доволни. Ниту е доволно да се знае што значи да се биде работничка во постојниот неокапиталистички поредок. Потребно е да се зајакнеме за да го укинеме работничкото угнетување што низ вековите системски ги толчи и жените.

Како и секоја година, многу се пишува и зборува за Први мај. Пораките тукуречи секојпат се од слична или иста природа. Сепак, она што мене лично ме допира е и идејата за социјална правда. За од идеја да стане реалност, како општество мора да го смениме начинот на кој гледаме на распределбата на трудот. Треба да ја смениме парадигмата за тоа како ги поимаме и вреднуваме грижата и негата за децата и за старите, улогите на грижа и одговорностите за грижата во семејството, па и пошироко од тоа. Иако грижата е суштинска за нашето постоење, таа од памтивек е целосно препишана само на контото на жените – и исто толку долго е и неплатена.

Па така, не минува ни еден Први мај без да си ја спомнам Ленка. Ленка за мене е симбол на неплатениот женски труд и грижа – и дома и надвор од дома. Труд кој ѝ го урнисува здравјето, труд кој ѝ ги краде соништата. Труд кој и ден-денес жените ги става во безизлезна ситуација, им ги врзува рацете кога треба да го кројат својот живот, и им накалемува невидлив товар. Оттука, Рациновите стихови за Ленка за мене се стихови за социјална правда – повик за признавање на потребата од трудот и од грижа за здравјето, пред сè, за своето. Но, не помалку важно, тие се и повик да се уважат соништата на жените и да се осигураат можностите и условите за тие да може да се остварат.

Затоа силно верувам дека ни е потребна трансформација на зацврстените општествени улоги. Дури кога оваа трансформација ќе се случи, ќе може да кажеме дека сме на патот кон социјална, па и економска правда за жените. Ако сакаме да стигнеме дотаму, на тој пат мора да ни се придружат и мажите – за да можеме заеднички да ги преиспитуваме односите на моќ и нивната улога во нерамноправноста и експлоатацијата и за да можат и тие да преземат половина од репродуктивната грижа без која општествен напредок нема.

Но она без кое никако не смееме да тргнеме натаму е женската солидарност. За да успееме во борбата за женската еманципација, таа ни е исто толку нужна колку и теориското согледување на историјата и состојбите. Та благодарение на неа, и покрај експлоатацијата, насилството, презирот и сиромаштијата, жените, малку по малку, ја променија сликата за својата положба во светот.
Има непобитна моќ во женската солидарност, па дури и неопислива сила која допрва треба да ја сфатиме. Жените ги спојува заедничкото искуство на патријархално угнетување, непризнаениот труд, сеприсутната контрола врз телата – кои на секој чекор се исправаат како пречки на патот кон рамноправен и правичен свет.

Солидарноста меѓу жените се согледува и во заедничкото искуство на страдањето. Оттука, женското здружување и солидарност (мора да) се во основата на борбата против штетниот, ко пиреј присутен, патријархат – било да станува збор за спротивставување на говорот на омраза кон политичарките или на секојдневното сексуално насилство врз жените и девојчињата, недостигот на гинеколошка грижа за Ромките, злоупотребата на трудот на текстилните работнички или воведување на платеното породилно отсуство за земјоделките. Во практична и применлива смисла, женската солидарност значи сочуство, разбирање, љубезност, нежност, поддршка, сослушување, поттик, инспирација и мотивација од една за друга. Значи препознавање и признавање на придонесот на секоја жена, но и на потребата за помош и поддршка – дури и кога станува збор за правата и добросостојбата на само една жена!

Затоа, за мене Први мај преставува значајна политичка борба за работничките права на жените – жените чиј идентитет е поврзан со работата, со непризнаената работа, со немањето работа поради потеклото, со нивниот социјален статус поради кој служат за потсмев и презир, со нивниот образовен статус поради кој се целосно исклучени од демократките процеси, со нивната попреченост поради која се оставени на маргините на општеството. Да живее Ленка! Да живее Први мај! 

Авторката е членка на ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни