Леден дожд го затвори виенскиот аеродром Швехат, летовите откажани и пренасочени

Аеродромот ќе биде затворен најмалку до 11 часот, авиони пренасочени кон други европски дестинации

Меѓународен аеродром Виена – Швехат беше затворен утринава поради појава на леден дожд, поради што се откажани бројни летови, а дел од авионите што имале дестинација Виена биле пренасочени кон други аеродроми. Според најавите, аеродромот ќе остане затворен најмалку до 11 часот.

Портпаролот на аеродромот, Петер Клеман, за австриската агенција АПА изјави дека временските услови не дозволуваат безбедно одвивање на сообраќајот. „Очекуваме ваквата состојба да потрае најмалку до околу 11 часот“, рече Клеман.

Тој појасни дека на сите писти се формирал слој мраз, кој повторно се создава веднаш по одмрзнувањето, што значително ги отежнува операциите. Надлежните служби, како што додаде, интензивно работат на повторно воспоставување на авионскиот сообраќај веднаш штом временските услови тоа ќе го дозволат.

Од аеродромот упатија апел до патниците редовно да се информираат за статусот на своите летови и оние чии летови се откажани да не доаѓаат на аеродромот.

Поради затворањето, летови кон Виена од Минхен, Франкфурт, Келн, Венеција, како и од дестинации во Кина, Јапонија и Франција, биле пренасочени. Утринските летови на релација Виена–Белград се одложени.

Според информациите што ги пренесува Танјуг, поради истите временски услови и аеродромот во Братислава е затворен до 11:15 часот, додека аеродромот „Вацлав Хавел“ во Прага вовел ограничувања во авионските операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни