Растот на цената на дизелот почнува директно да се одразува врз секојдневните производи, со што компаниите дел од трошоците ги префрлаат врз потрошувачите.
Пекарниците во Прилеп и Битола најавија зголемување на цената на белиот леб од 450 грама – од 35 на 40 денари, почнувајќи од утре.
Слични најави има и од дел од пекарниците во источниот дел на земјата, односно во Штип и Кочани.
Во Скопје, пак, во дел од пекарниците веќе неколку дена се забележува поскапување на бурекот, симитот и други пецива, за околу пет денари.
Освен пекарските производи, раст на цените има и кај дел од основните намирници.
Пиперките, доматите и тиквичките веќе подолг период се продаваат по повисоки цени, а во пресрет на Велигден, килограм јагнешко достигнува цена од 700 до 800 денари.
Овие движења повторно ја ставаат темата за животниот стандард во фокус, особено во услови на зголемени трошоци за енергенси и транспорт.
Прашањето е дали ова е почеток на нов бран поскапувања или само краткорочен ценовен притисок.