„Лајка“ добива 30 милиони денари: „Сејф сити“ ќе ги санкционира оние што носат кучиња во Скопје

Град Скопје инвестира 30 милиони денари за проширување на ЈП „Лајка“. Со системот „Сејф сити“ ќе се санкционира носењето кучиња од други градови.

Градот Скопје ќе инвестира 30 милиони денари за значително проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, со цел системско и долгорочно решавање на проблемот со бездомните кучиња во главниот град. Ова денеска го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според него, по преземањето на функцијата е прекината практиката јавното претпријатие да се користи за партиски вработувања, а фокусот е ставен на воведување хумани услови и вистинска грижа за животните.

– Со години проблемот со бездомните кучиња се туркаше под тепих. Последиците ги трпеа и граѓаните и самите животни. Денес започнуваме нов, сериозен и одговорен пристап – истакна Ѓорѓиевски.

Инвестицијата, како што појасни, ќе овозможи создавање современи услови за згрижување, што треба да донесе видливи и долгорочни резултати во намалување на бројот на бездомни животни.

Градоначалникот најави и дека Скопје нема да дозволи да стане „депонија за туѓи проблеми“, алудирајќи на носењето бездомни кучиња од други градови.

– Со воведувањето на системот „Сејф сити“, сите кои несовесно носат животни во Скопје ќе бидат откриени и санкционирани. Ред мора да има – и заради безбедноста на граѓаните и заради заштитата на животните – нагласи тој.

Ѓорѓиевски упати апел до граѓаните активно да соработуваат со институциите и да пријавуваат случаи на напуштање или незаконско носење животни.

– Само со заедничка акција можеме да изградиме систем што функционира и да обезбедиме достоинствен третман за бездомните кучиња – додаде градоначалникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни