Ладно утро со слана, викендов нов ладен бран и можен слаб снег

Во деновите што следуваат, особено за време на викендот, се очекува продор на нов ладен бран од исток и североисток

Македонија утрово се разбуди под влијание на студено и стабилно време. Најголем дел од земјата осамна со температури под нулата, при што се забележува појава на слана и мраз, особено во котлините и пониските предели. Во западните делови има нешто поголема облачност, додека времето генерално е тивко и без изразен ветер.

Најниски температури утрово се измерени во Берово и на Скопје-Петровец, каде живата во термометарот се спушти до -5 степени. Според податоците од метеоролошките станици, студот е најизразен во раните утрински часови, со јасни услови за појава на мраз на површините.

Во деновите што следуваат, особено за време на викендот, се очекува продор на нов ладен бран од исток и североисток. Овој атмосферски систем ќе донесе дополнително заладување, со пад и на утринските и на дневните температури. Облачноста ќе се зголеми, а ќе има и слаби локални врнежи кои постепено, дури и во градските средини, ќе преминуваат во слаб снег.

Во Скопје и околината се најавува променливо облачно време со повремени слаби врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и југоисточен правец, а во недела ветерот ќе се сврти од североисток.

Утринските температури за време на викендот ќе се движат од -3 до 4 степени во сабота и од -6 до 2 степени во недела, додека максималните дневни температури ќе бидат во интервал од -3 до 6 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни