Балканот го зафати нов ладен бран кој донесе вистинско есенско време – обилни врнежи од дожд, пониски температури и прв снег на високите планини.
Според извештаите од српските медиуми, еден од најпознатите ски-центри – Копаоник, осамна под бела снежна покривка. Покривите на објектите и дел од терените се веќе забелени, а густата магла дополнително ја намали видливоста.
Од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) информираат дека денес времето на северот ќе биде претежно сончево, додека во останатите делови се очекува умерена до целосна облачност, со повремени слаби врнежи од дожд. На југот и југоистокот, особено на повисоките планини, има услови за слаб снег во утринските часови.
Попладне се очекува намалување на облачноста и стабилизирање на времето. Според страницата „Време и радар“, во 10 часот наутро температурата на Копаоник изнесувала околу 0°C, додека најтопло било во Сомбор со 12°C.
Снегот навечер се спушти и на планините над 1.500 метри, покривајќи ги повисоките делови на Златар, Голија, Кукавица, Пештера и делови од Косово и Метохија.
Студениот фронт што помина во понеделник донесе драстичен пад на температурите – и до 10 степени, силни ветрови и обилни врнежи низ регионот. Најинтензивни дождови беа забележани во Словенија, северна Хрватска и дел од Јадранот.
Во вечерните часови, времето се стабилизир во северозападните предели, но бран студ и врнежи продолжи кон Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде на повисоките планини дождот премина во снег.
Според прогнозите, ладното време ќе се задржи во следните неколку дена, со утрински температури под 5 степени, а на планините со можност за нови снежни врнежи.