Курти тврди дека нема правни причини поранешните водачи на ОВК да останат во притвор во Хаг

Курти претходно беше критикуван затоа што јавно не ги поддржувал поранешните водачи на ОВК и затоа што никогаш не ги посетил во Хаг

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, смета дека повеќе нема правни причини поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства, да останат во притвор во тој град во Холандија.

По повод петгодишнината од апсењето и притворањето на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Касниќи и Реџеп Сељими, Курти на Фејсбук напиша: „Обвинителството го заврши случајот. Нема повеќе сведоци. Нема законски или морални причини тие да останат во притвор“.

Курти претходно беше критикуван затоа што јавно не ги поддржувал поранешните водачи на ОВК и затоа што никогаш не ги посетил во Хаг, но денеска рече дека работел „тивко и долго“ за нивно ослободување, пренесе Бета.

„Тоа беше мојата мисла од првиот ден. Долго и напорно работевме на ова прашање, во тишина, бидејќи добрата работа често се прави тивко“, напиша Курти.

Курти објави и писмо на Фејсбук од 2022 година, пред почетокот на судењето, во кое бара од претседателката на Специјализираните совети, Екатерина Трендафилова, да ги ослободи обвинетите.

„Ова го објавувам денес само од една причина: Верувам дека е исправно тие да се вратат во своите домови, да бидат со своите семејства и слободни да ја бранат праведната борба за ослободување на Косово“, рече Курти.

Тој додаде дека нема одговор на неговото барање.

Во тоа писмо, Курти и понудил на Трендафилова гаранции дека косовските власти ќе го следат домашниот притвор на обвинетите.

Постапката пред Хашкиот трибунал е при крај, се очекува сведочење на уште неколку сведоци на одбраната, вклучувајќи го и поранешниот врховен командант на НАТО, Весли Кларк. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни