Овој април се навршија 30 години од смртта на Курт Кобејн, човекот кој го поседуваше најпотресниот врисок во историјата на рок музиката. (Проверете ја Where Did You Sleep Last Night од unplugged концертот на Нирвана. Ако при крајот на песната врисокот на Курт не ви предизвика морници низ целиот рбетен столб тогаш сте оперирани од емоции). По тој повод се навраќам на мојот текст за Курт Кобејн од пред точно 10 години.
Сè уште го памeтам денот кога на излегување од музичката продавница ја сретнав сестра ми, која како од пушка изусти „бато, бато, на Пулсирање (тогаш популарна емисија за млади која се емитуваше секоја сабота на МТВ) јавија дека Курт Кобејн умрел“ . Во рацете го држев што туку купениот Pablo Honey на Radiohead . Остана неслушнат цели 6 месеци.
Нирвана и Курт Кобејн (заедно со Sonic Youth) имаа огромно влијание врз мојот развој. Сè до нивната појава јас не знаев што значи да се биде феминист. Имено, во еден хрватски фанзин беше пренесена следната изјава на Курт Кобејн, пејачот на некој нов бенд Нирвана: „Доколку некој од вас на било кој начин ги мрази жените, хомосексуалците или обоените луѓе, ве молам направете ни услуга, не ги купувајте нашите албуми и не доаѓајте на нашите концерти“. Понатаму, во текстот следуваше заклучокот дека Курт е феминист. А ха , значи луѓето кои се борат против омразата на жените се нарекуваат феминисти. Тогаш така си го дефинирав терминот феминист. Па и јас не ги мразам жените, напротив, мислам дека ние како мажи честопати лошо се однесуваме кон нив, а и државата истотака. Зошто нема доволно жени политичарки? Зошто во Швајцарија жените немале право на глас до 1971? Зошто во некои држави сè уште постои отсекување на клиторисот? Зошто жените ги силуваат? Зошто помалку се вреднува женското новороденче? Зошто на повеќето реклами жените се претставени како сексуален објект? Зошто??? Слушајќи ги Нирвана се појавуваа илјадници зошто.
Курт Кобејн не беше само музичар. Тој беше и активист. Преку неговите текстови, интервјуа или едноставно преку појавување на концертите облечен во женски фустан тој го критикуваше маскулинизмот, сексизмот, насилството врз жените, хомофобијата, расизмот итн.
Токму за маскулинизмот Курт ќе изјави: „Отсекогаш сум имал проблем со мачо мен типовите – постојано биле моја закана“. Затоа тој честопати се појавуваше облечен како жена – проверете го видеото за In bloom како и фотографиите во прилог.
Песната Been a son е критика на патријархалните вредности кои повеќе ги вреднуваат машките новороденчиња.
Во песната Sappy, Курт пее за девојка која се наоѓа во строго контролирана врска, и која сè уште смета дека е среќна. Таа е среќна само затоа што овозможува нејзиниот партнер да биде среќен: “He’ll keep you in a jar, Then you’ll make him happy, You’re in a laundry room…“. Курт заклучува дека таа не е таму каде што треба да биде, критикувајќи го општеството кое им укажува на жените дека патот до нивната среќа е да му служат и да го задоволуваат мажот.
Во Territorial Pissings која се наоѓа на Nevermind , пее: “Never met a wise man, if so he’s a woman.”
Друга тема која Курт ја обработува е силувањето. Дури три песни се осуда на тој чин – Floyd The Barber, Polly и една од најпознатите песни на Нирвана, Rape me. Во Floyd the Barber, Курт пее за насилничкото однесување и силување од страна на еден лик од популарното ТВ шоу на Енди Грифит. Песната е критика на традиционалното претставување на расите, класите и родот на американските телевизии кои креираат насилство.
Песната Polly е посветена на истоимената 14 годишна девојка која била силувана во 1987. Курт детално ја раскажува приказната за овој грозоморен чин, воспевајќи ја храброста на Polly за нејзиното успешно бегство од силувачот.
За Rape me Курт мораше да се дообјаснува дека ова е „Анти, дозволете да повторам, анти-силување песна… против силувањето, која го прикажува силувањето како криминален чин на насилство и сила, а не сексуална желба. Како таа да кажува, силувај ме, ок, тепај ме. Но никогаш нема да ме убиеш. Ќе го преживеам“. Ова објаснување на Курт се должеше на неправилното интерпретирање дека песната е про-силување, пред сè затоа што во САД при еден случај на силување песната била музичка подлога на чинот. Тоа го врати Курт на неговите текстови од омотот на албумот Incestiside па често ги повторуваше во врска со овој случај – „Тие момци се потрошена сперма и јајца“ или во слободен превод, подобро нивните татковци да ги издркале на камен отколку да учествувале во нивното создавање. „Тешко ми е да прифатам дека такви планктони се дел од нашата публика“.
Во едно интервју ќе изјави: „Проблем со организациите кои работат на темата силување е тоа што тие пред сè се обидуваат да ги научат жените како да се одбранат. Но, тоа што е вистински потребно е тие да ги едуцираат мажите да не силуваат. Одете кај причината и почнете од таму“.
Неговите верувања и ставови беа причина за проблемите со Guns and Roses и нивниот вокалист Аксл Роуз кој го нападна Курт нарекувајќи го „пичка“ затоа што Курт не се согласил Нирвана да оди на заедничка турнеја со нив. Кобејн ја оправда својата одлука со изјавата дека не сака да оди на турнеја со човек кој е сексист, расист и хомофоб, реферирајќи на текстовите на повеќе песни на Guns and Roses.
Ете таков беше Курт. Сепак, за медиумите поинтересна тема беше кои дроги тој ги употребува отколку неговите ставови. Пишуваа за се а заборавија на неговиот активизам. Курт Кобејн беше нов архетип на рок звезда, кој допринесе за феминизмот на повеќе начини. Беше пеколно лут феминист, секогаш подготвен да се бори за каузата. Тој ја промени музиката засекогаш, а ме промени и мене и мојата генерација. Фала ти Курт.