„Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“,

Културата како борба: новиот зборник отвора прашања за родот и сексуалноста во Македонија

Културата никогаш не е неутрална. Таа секогаш е прашање на моќ и политичка борба,“ вели Димитров, повикувајќи се на традицијата на културните студии. Да се зборува за културата значи да се преиспитуваат моделите преку кои се разбираме себеси и светот околу нас.

Промоцијата на зборникот „Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“, што се одржа минатата недела во КСП „Центар-Јадро“, отвори важни прашања за тоа како родот и сексуалноста се третираат, но и премолчуваат во домашниот културен контекст.

Станува збор за интердисциплинарно издание, во уредништво на Славчо Димитров и Мања Величковска, кое обединува нови истражувачки текстови, но и значајни студии што повторно се враќаат во јавната и академската циркулација. Дел од трудовите за првпат се објавуваат, потпишани од авторки како Ана Мартиноска, Инес Црвенковска-Ристеска, Калина Малеска, Јованка Попова, Славица Србиновска и Душица Лазова.

Во својата суштина, зборникот не е само академски проект, туку и обид за создавање „жива архива“ која ќе го зачува и продолжи критичкото знаење за родот и сексуалноста во македонската култура.

Славчо Димитров

-Со издавањето на овој зборник се обидуваме да покажеме континуитет на критички истражувања и академско знаење поврзано со родот и сексуалноста“, вели уредникот Славчо Димитров. „Тоа е важно и како спротивставување на обидите овие теми да се претстават како „увоз„, нешто што нема корени во локалниот контекст- вели Славчо.

Токму прашањето за „архивата“, што е сочувано, а што избришано од културната меморија,е една од централните оски на зборникот. Според Димитров, станува збор за двоен процес: од една страна, потврдување на постоечката традиција на критичка мисла, а од друга создавање нов простор за идни истражувања.

-Од една страна сакаме да покажеме дека постои континуитет што некои движења денес се обидуваат да го избришат. Од друга, сакаме да продолжиме да креираме нови критички знаења – затоа зборникот вклучува и нови истражувачки текстови – додава тој.

Во разговорите на промоцијата беше нагласено дека родот и сексуалноста не се маргинални теми, туку суштински дел од начинот на кој функционира културата.

-Родот и сексуалноста не се изолирани прашања, тие се вградени во речиси сите општествени и културни домени- објаснува Димитров, кога се премолчуваат, тоа не е случајно, тоа е стратегија на моќ.

Токму оваа перспектива го позиционира зборникот не само како научен труд, туку и како политички чин.

-Културата никогаш не е неутрална. Таа секогаш е прашање на моќ и политичка борба,“ вели Димитров, повикувајќи се на традицијата на културните студии. Да се зборува за културата значи да се преиспитуваат моделите преку кои се разбираме себеси и светот околу нас- вели тој.

Во тој контекст, зборникот отвора простор за ново читање на македонската култура, од народното творештво и етнографијата, до филмот, поп-културата и современата книжевност.

Мања Величковска

Мања Величковска, ко-уредничка на изданието, потенцира дека токму оваа интердисциплинарност е една од неговите најголеми вредности.

-Имаме текстови од различни тематски области,од „висока“ култура до популарна култура, од книжевност и визуелна уметност до етнографија и филм, таа комбинација овозможува поцелосно разбирање на тоа како функционира културата – вели таа. „

Особено значајно, според неа, е што зборникот отвора простор за комплексни и неконвенционални перспективи.

Како пример, Величковска го издвојува текстот на Инес Црвенковска-Ристеска, кој се занимава со варијабилноста на родовите идентитети во ромската заедница.

-Тој текст покажува една амбивалентна позиција на родово одредување, истовремено и машко и женско како стратегија за опстанок во одреден социјален контекст,“ објаснува таа.

Покрај новите истражувања, зборникот вклучува и архивски материјали и претходно објавени студии, со што се создава мост помеѓу минатото и сегашноста на критичката мисла.

Но, едно од клучните прашања што се отвори на промоцијата беше и подготвеноста на публиката за ваков тип на содржини. Според Величковска, одговорот не лежи толку во публиката, колку во оние што ги создаваат и презентираат овие содржини.

-Прашањето не е дали публиката е подготвена, туку колку сме ние подготвени да ги понудиме овие теми, вели таа. „Публиката се гради преку понудата, а не обратно.“

Зборникот, како што истакнуваат уредниците, има амбиција да функционира како „контраархива“, простор во кој ќе се зачуваат и истакнат оние приказни, идентитети и искуства што често остануваат на маргините.

„Оваа книга се обидува да ги собере трагите на субверзија, на амбивалентни постоења кои не можат лесно да се вклопат во постоечките категории,“ велат Димитров и Величковска. „Со тоа покажуваме дека домашната култура отсекогаш била сложена, недовршена и полна со исклучоци.“

Промоцијата во „Центар-Јадро“ покажа дека интересот за вакви теми постои, но и дека потребата од вакви изданија е сè понагласена, особено во време на поларизации и обиди за поедноставување на комплексните општествени прашања.

Зборникот не нуди едноставни одговори, но отвора простор за дијалог. А токму во тој дијалог, како што порачаа уредниците, лежи можноста за ново разбирање на културата, не како нешто фиксно и дадено, туку како поле на постојана дебата, отпор и трансформација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни