На 27 декември, од 18 часот па сè до фајронт, Култура Бета го организира последниот настан на локацијата Луј Пастер 3А, во кафе-книжарницата „Буква“. Со овој настан симболично се затвора едно важно поглавје – не само за Култура Бета, туку и за независната културна сцена во Скопје.
Со крајот на годината завршува и првата епизода на „Буква“ на оваа адреса. Простор кој беше повеќе од кафуле или книжарница – дом, засолниште, сцена и место на отпор. Токму таму се одржа првиот настан на Култура Бета, таму се градеа заедници, се читаа текстови, се водеа расправи, се создаваше култура надвор од институционалните рамки.
Затоа ова збогување не е тивко. Напротив – се случува радосно, пркосно и достоинствено, со целодневна програма што ја слави упорноста на независната сцена.
Настанот започнува во 18:00 часот со дискусијата „Има ли дом за независната сцена“, во која ќе учествуваат Небојша Вилиќ, Марија Стојанова, Милош Б. Андоновски и Марија Хана Трајкоска, а разговорот ќе го модерира Калина Качоровска. Прашањето за просторот, континуитетот и опстанокот на независната култура е поставено директно и без улепшување – токму онака како што доликува на ова збогување.
Во 20:00 часот следи обемна поетска епизода, во која ќе настапат повеќе од триесет поетеси и поети од различни генерации и поетики. Оваа колективна поетска вечер е сведоштво за живоста и ширината на независната книжевна сцена, а ќе ја водат Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска.
Од 22:00 часот, програмата продолжува со концерт на „Животни“, а по него, од 23:00 часот, Дона пушта музика, сè до фајронт – како што доликува на вистинско испраќање на едно место што значеше многу за многумина.
Ова не е крај, туку пауза меѓу две епизоди. „Буква“ ја напушта постоечката локација и заминува кон нешто ново, а Култура Бета со овој настан уште еднаш потсетува дека независната сцена опстојува преку луѓето, не преку ѕидовите.