Од коавторката на светски познатите психолошки трилери „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, американската писателка Сара Пеканен, пристигнува новиот роман „Куќа од стакло“, објавен на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Книгата беше номинирана за наградата Goodreads Choice Award, прогласена за една од најдобрите книги на годината на Amazon, а беше и главен избор на Book of the Month, како и прворангирана книга според LibraryReads.
Семејна мистерија со мрачни тајни
„Куќа од стакло“ ја следи приказната на Стела Хадсон, адвокатка која застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство.
Нејзиниот нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, девојче кое можеби било сведок на убиството на својата дадилка. Во средината на жестока бракоразводна битка меѓу родителите, Роуз одеднаш престанува да зборува.
Задачата на Стела е да открие кој во семејството е жртва, а кој – убиец, но вистината е тешко достижна кога сите околу неа изгледа дека кријат нешто.
Морничава куќа и семејство полно со тајни
Кога Стела ќе помине низ безбедносната порта и ќе влезе во луксузната, но старинска куќа на семејството Баркли во Вашингтон, сфаќа дека случајот е многу посложен отколку што претпоставувала.
Куќата е необична и вознемирувачка – сите предмети од стакло во неа се заменети со пластика.
Додека адвокатката постепено се приближува до вистината што семејството очајно се обидува да ја сокрие, опасноста почнува да се затвора околу неа, а нејзиното минато и сегашноста се судираат на неочекуван начин.
Во случајот секој може да биде осомничен: мајката, таткото, бабата, момчето на дадилката – па дури и самата Роуз.
Прашањето што останува е: дали личноста што Стела треба да ја заштити е токму таа од која треба да се заштити?
Авторка на светски бестселери
Сара Пеканен е американска авторка на бестселери на „New York Times“, која својата кариера ја започнала како новинарка.
Досега има објавено 15 книги, вклучувајќи и неколку успешни психолошки трилери напишани во коавторство со нејзината пријателка и уредничка Грир Хендрикс.