Македонија има сериозен проблем со бездомните кучиња и причината за овој проблем не можеме да ја бараме само во јавните, приватни и невладини организации. Главниот проблем се луѓето кои живеат овде и кои по не знам кој пат покажаа дека немаат никаква емпатија и сочувство за животните. Секој ден сум сведок на десетици објави во ФБ групи каде се бара помош за напуштени и оставени кученца на улица да умрат од студ и глад. Се расфрлаат отрови без грам совест и грижа дека тој отров ќе наштети по грешка и на вашето најмило.
Дали смртта на овие безгрешни животинки вас ви е решение на проблемот? Во каква земја живееме? Кого веќе да обвиниме? Системот, државата? Можеби, но исто така прстот мора да се впери и на дел од луѓето кои живеат овде и кои имаа мозок кој работи и размислува на овој свиреп начин.
Најискрено сум загрижена со кого го делиме воздухот, затоа што човек кој е способен да убие и отруе недужно животинче е опасен не само за животните, туку и за луѓето. Доколку не можете да верувате во тоа погледнете ги документарците на тоа како започнале свирепи убијци да убиваат луѓе. Најголемиот дел најпрвин мачеле и убивале животинки, мачиња, кучиња, птици… Ваквиот тип на луѓе за мене се темпирана бомба и опасност за сите нас.
Во најголемиот дел од вакви труења, убивање и мачење на животни, државата потфрлува да го најде сторителот и да го казни. Остануваме сами да стравуваме за животот на нашето милениче и животот на нашите најмали кои исто така си играат и трчаат по истите тревни површни каде се фрлаат отровите.
Да ви објаснам нешто на сите вас кои не сте љубители на кучињата. Кучето е единственото животинче кое ќе ве сака вас, повеќе од што се сака себеси. За нас што чуваме кучиња, истите тие не се миленичиња, тие се дел од семејството. Не постои лошо куче, постои лош газда. Куче никогаш нема да нападне доколку претходно не било измачувано, малтретирано и учено на агресија. Затоа не ги обвинувајте нив што ние потфрливме како општество.
За сите вие што чувате куче врзано на ланец во двор и никогаш не осетило слобода, љубов и топлина. Вие не чувате куче, вие малтретирате куче. Тоа животинче вас ви е роб, затоа што никој не е создаден од природата за да го поминува животот врзан на ланец како роб. Уште понеодговорно е кога ќе го пуштите кучето да се шета и да оди каде сака, без надзор. Не можам да ви објаснам колку пати сум собрала куче од улица кое потоа ќе дојдат сопствениците да си го земат и ќе ми речат налутено и дрско – „Што си го собрала, тоа само ќе се врати дома, си знае кај живее, така шета секој ден!“ Што ако еден ден не се врати? Како се вози кај нас, човек не е безбеден не па куче.
Истите тие кучиња кои наводно имаат сопственици, не се стерилизирани. Тие во тек на своите прошетки „прават“ нови кучиња, кои на крај на тој сопствник му е најлесно да ги фрли да умрат или да ги остави некаде на милост и немилост. Не може после државата да ви е крива што вашето куче раѓа мали кутренца по десети пат.
Не може да земете куче затоа што мислите дека тоа ќе ги анимира вашите деца затоа што вие немате време и кога ќе видите колкава обврска е, да го исфрлите на улица. Тоа куче има чувства исто како вас. Способни се да чувстуваат болка и тага и се приврзуваат за своите сопственици. Вие сте им се на светот, тие немаат никој друг. Кучето не е играчка која може да ја фрлите кога ќе ви здосади.
Организациите за спасување на кучиња не се семоќни. Скоро сите едвај сврзуваат крај со крај помагајќи им на сите напуштени, ранети и болни животники. Никој не може да вдоми и спаси толку кучиња колку што секојдневно кај нас се напуштаат и оставаат казнети на смрт. Тие не се на улица гладни и исплашени затоа што така сакаат.
За крај доколку сте одговорни луѓе со трошка емпатија и совест во вас, оставете некогаш по нешто за јадење на уличните кучиња. Донирајте на поединци и здруженија за помош на животните. Пријавете малтретирање на недолжни животинки и комшии кои сакаат да фрлаат отрови затоа што не сфаќаат дека тие се проблемот, а не животните. И најважното од се, доколку ви фали љубов во животот и имате љубов за давање, вдомете и спасете некоја душа од улица.