Кризата со домувањето во Амстердам: како градот стана недостапен за младите и нископлатените

Амстердам, некогаш симбол на инклузивност и социјална еднаквост, денес се соочува со сериозна криза во домувањето.

Во последната деценија, главниот град на Холандија се претвори во еден од најнедостапните европски пазари за домување, особено за младите, новодојдените и лицата со пониски приходи. Брзиот пораст на цените, недостигот на социјални станови и експанзијата на приватниот сектор доведоа до длабока поделба меѓу оние што имаат сигурен дом и оние што се борат да најдат покрив над глава.

Во последната година, цените на домовите во Холандија пораснаа за повеќе од 10%, бројот на бескуќници се зголеми за повеќе од 20%, а кириите во приватниот сектор пораснаа за над 7%.

Денешната структура на пазарот за домување во Амстердам е драстично поделена. Надворешните групи – претежно млади, новодојдени и лица со пониски приходи – се принудени да се борат на прескапиот и несигурен приватен пазар за кирија, додека постарите жители кои успеале да обезбедат социјално домување уживаат стабилност и сигурност.

Во изминатите 40 години, фокусот на градските политики се преместил од социјално кон приватно домување. Социјалното домување, каде што киријата е ограничена на околу 900 евра месечно, значително се намали – од скоро 60% од вкупниот станбен фонд во 1980-тите на само две третини од тоа денеска. Во исто време, новите згради најчесто се наменети за подобро платени граѓани.

Достапноста на социјалните станови е ограничена само на ниско-платените, а листите за чекање се долги повеќе од една деценија во побаруваните делови од градот. Младите Амстердамци од порано можеле да се регистрираат за социјално домување на 18 години и да обезбедат свој дом во рок од неколку години, што денес е незамисливо.

Социјалната опција и сопственоста на домот се недостижни за многумина, па приватниот сектор се прошири повеќе од три пати во последните две децении. Либерализацијата на законите за кирија ја направи оваа област привлечна за големи инвеститори, вклучувајќи ги и компании како Blackstone, кои сега поседуваат четвртина од недвижнините во поголемите холандски градови.

Со оглед на растечката криза, градот се обидува да ја регулира ситуацијата со ограничувања на краткорочните договори и други мерки, но резултатите сè уште се неодредени. Киријата за соби во заеднички станови честопати достигнува 1.000 евра месечно, а тинејџерите и младите често се приморани да живеат кај родителите до подоцна во животот.

Покрај економските, кризата има и политички импликации. Десничарските партии ја користат незадоволството од домувањето за да шират ксенофобни и антимиграциски пораки, како што се покажа пред изборите во ноември 2023 година, кога десничарската партија на Геерт Вајлдерс победи по првпат во новата историја.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни