Најмалку две лица се убиени, а над десет се повредни во пукање во планинското село Вориза во поширокиот регион на Ираклио на грчкиот остров Крит, а локалните медиуми пишуваат за масакр и критска вендета меѓу две семејства, јави дописничката на МИА од Атина.
Информациите за жртвите и повредените се неофицијални, со оглед на тоа што во селото неколку часа владеело хаос и паника, а во тек е полициска акција во обид да се откријат сторителите.
Селото е под силна полициска опсада, а на островот, според грчките медиуми итно заминал и началникот на грчката полиција.
Локалните медиуми, како причина за пукањето што траело над еден час во и вон селото, го споменуваат експлозивниот механизам поставен синоќа пред куќа во изградба, по што следела одмазда.
Селото, според истите информации наликувало на воена зона, повредените со земјоделски возила и автомобили биле пренесувани во болници, приватни клиники и здравствени центри.
Критските вендети се традиционални семејни одмазди, кои потекнуваат од старите обичаи на островот, а јавна тајна е дека голем дел од жителите на Крит поседуваат оружје.
Во конкретното село Вориза во 1955 година во вендета меѓу две семејства (неповрзани со денешниот инцидент), убиени биле три лица, а повредени 14.
Вориза е планинско село во регионот на Ираклио на Крит со 504 жители.