Директорот на американското Федерално истражно биро (ФБИ), Кеш Пател, се соочува со остри критики од актуелни и поранешни функционери поради неточната изјава дека е уапсен осомничениот за атентатот врз Чарли Кирк, истакнат сојузник на претседателот Доналд Трамп, пренесува Ројтерс.
Пател вчера објави на социјалните мрежи дека сторителот е во притвор, но локалните власти ја демантираа таа изјава. По неколку часа конфузија, ФБИ појасни дека биле испрашани две лица, кои потоа биле пуштени на слобода.
Поранешниот агент на ФБИ, Ден Брунер, изјави дека изјавата на Пател е спротивна на процедурите:
„Голем дел од почетните информации на почетокот на истрагата се неточни. Ниту еден поранешен директор на ФБИ не би направил ваков потег.“
Извор од Белата куќа, кој сакаше да остане анонимен, рече дека објавата на Пател е „непрофесионална и неприфатлива за Белата куќа и за американската јавност“, и најави дека ќе се дискутира за тоа.
И покрај сè, Белата куќа соопшти дека Пател сè уште ја има поддршката од претседателот Трамп.
Чарли Кирк, конзервативен политички коментатор и основач на организацијата Turning Point USA, беше убиен вчера додека држеше предавање на колеџ во Јута, пред околу 3.000 присутни.