Кремљ: „Неточно е дека Путин го одбил американскиот мировен план“

Москва тврди дека преговорите со САД за Украина продолжуваат и дека процесот е уште далеку од финална верзија.
Мировни разгоцори САД- Русија
Photo: EPA

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека е „погрешно“ да се тврди дека рускиот претседател Владимир Путин го отфрлил предложениот американски мировен план, за кој се разговараше на вчерашната средба во Москва.

„Ова беше само прва размена на ставови. Путин прифати дел од предлозите, а други ги одби – што е сосема нормален дел од преговарачкиот процес“, рече Песков, додавајќи дека деталите намерно се задржуваат во тајност за да се зголемат шансите за напредок.

Според него, Русија е подготвена да се состанува со американските претставници „онолку често колку што е потребно“ за да се дојде до решение околу војната во Украина.

Разговор што траел речиси пет часа

Средбата меѓу Путин и Стивен Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, траела речиси пет часа, што во Москва го оценуваат како знак на сериозност.

По разговорот, советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков изјави дека средбата била „корисна, конструктивна и многу информативна“. Но нагласи дека сè уште нема компромисен план за Украина, особено околу најчувствителното прашање – територијалните отстапки.

„Некои американски предлози се прифатливи за Русија, други не се“, рече Ушаков, потврдувајќи дека се разговарало и за можните економски договори меѓу Вашингтон и Москва.

Ушаков откри дека Русија, покрај главниот документ со 28 точки, добила уште четири дополнителни материјали за разгледување. Двете страни се договориле да не откриваат детали од содржината за да не се наруши процесот на усогласување.

Средбата во Москва се одвиваше зад затворени врати, но е познато дека на неа присуствувале највисоките претставници од двете страни. Од руската страна, разговорите ги водел долгогодишниот советник на Владимир Путин – Јуриј Ушаков, заедно со Кирил Дмитриев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции и еден од клучните луѓе за економска дипломатија во Кремљ.

Американската делегација ја сочинувале специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стивен Виткоф, и Џаред Кушнер – зетот на Трамп и основач на „Affinity Partners“, кој веќе подолго време е дел од дипломатските напори за ставање крај на конфликтот.

По разговорот, Ушаков кусо изјави дека „пред нив стои уште многу работа“, но не даде дополнителни детали, истакнувајќи ја чувствителноста на тековните преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни