Креаторите на YouTube во оваа земја ја пробија магичната бариера: Создадоа 24.000 работни места

Креаторите на YouTube во Франција надминаа една милијарда евра приходи и создадоа 24.000 работни места

Растечкиот број на успешни креатори, растот на приходите од рекламирање и проширувањето на соработката со брендовите го претворија YouTube во еден од најдинамичните креативни сектори во земјата, силно влијаејќи врз вработеноста, со околу 24.000 работни места кои директно зависат од дигиталната креативност.

Креаторите на содржини на YouTube и активностите поврзани со платформата придонесоа повеќе од една милијарда евра во БДП на Франција за прв пат во 2024 година, според извештајот за економско влијание објавен од американската компанија.

„Ова е важна и симболична пресвртница, година што ја менува позицијата на YouTube и француската креативна сцена“, изјави за AFP Жустин Рист, директорка на YouTube за Франција.

Вкупната вредност вклучува приходи од рекламирање, од кои половина се исплаќаат на креаторите, како и широк спектар на индиректни приходи: продажба на производи, соработки со брендови, концерти и други форми на комерцијални активности.

Рист истакна дека денес во Франција, YouTube може да се смета за „независен креативен сектор“, рамо до рамо со филмската и телевизиската индустрија.

Во последните четири години, YouTube им исплатил повеќе од 100 милијарди евра на креаторите ширум светот.

Во Франција, повеќе од 450 канали моментално заработуваат над 100.000 евра годишно само од споделување на приходите на платформата.

Студијата на британската фирма Oxford Economics, на која се базира извештајот, проценува дека екосистемот на YouTube поддржува околу 24.000 работни места во земјата.

Ова ги вклучува не само авторите на содржини, туку и нивните соработници – сниматели, монтажери, графички дизајнери, како и административен персонал.

Истражувањето опфати околу 1.100 француски креатори и околу 600 компании кои го користат YouTube во својот бизнис.

YouTube, кој прослави две децении од своето постоење оваа година, има околу 43 милиони месечни корисници над 15 години во Франција, според Médiamétrie.

Корисниците над 18 години поминуваат просечно 52 минути дневно гледајќи видео содржини на платформата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни