Креативност или моментална забава: Што навистина гледаат децата на YouTube?

Експертите предупредуваат дека многу детски YouTube канали не ја поттикнуваат имагинацијата и креативноста, туку служат како забава што ги држат децата пасивно пред екранот. Родителите играат клучна улога во изборот на квалитетна содржина што забавува и учи во исто време.

Децата со часови секојдневно поминуваат на популарните канали за најмалите на YouTubе, кои не секогаш се безопасни. Креаторката на легендарната детска емисија „Телетабиси“, Ен Вуд, предупреди дека поголем дел од содржината за деца на овие канали не ја стимулира имагинацијата, туку служи само како дигитален „исполнувач на време“. 

„Децата се изложени на брза визуелна стимулација што не го поттикнува креативното размислување. Тоа е како дигитален седатив“, објаснува Вуд. 

Според неа, алгоритмите на YouTube фаворизираат содржина што го задржува вниманието на гледачите, на сметка на квалитетните образовни емисии кои честопати се потиснати. 

Алгоритми или креативност, кој одлучува? 

Платформи како YouTube користат алгоритми за да изберат што ќе гледаат децата. За жал, најчесто профитот е приоритет, а не развојот или образованието на малите гледачи. 

Ова значи дека анимациите и музичките клипови, кои брзо забавуваат, се во центарот на вниманието, додека образовните програми остануваат запоставени. Кони Хак, британска водителка и продуцентка на детски емисии, нагласува: 

„Моменталното задоволство лесно ја заменува содржината што бара размислување, но обезбедува долгорочни придобивки. Родителите треба да бидат свесни за овој ризик и да им помогнат на децата да изберат квалитетна содржина.“

Телетабиси, пример што ги учи децата преку игра 

Ан Вуд истакнува дека внимателно дизајнираните програми за деца, како што се Телетабиси, можат да дадат значаен придонес во развојот на јазикот и самодовербата. Ритмичноста, повторувањето и едноставноста им овозможуваат на децата да ја следат содржината, да учат и да ја развиваат креативноста. 

„Многу луѓе не сфатиле колку е важно да се остави простор детето да толкува и учи преку игра. Децата се смеат, учат и развиваат самодоверба, тоа е вистинска уметност“, истакнува Вуд. 

Проблемот е повеќе во форматот отколку во содржината

Директорката на Центарот за дигитална иднина на децата на Лондонската школа за економија, Соња Ливингстон, вели дека децата имаат најголема корист од содржини што се едукативни, креативни и имагинативни. 

Сепак, алгоритамскиот формат на YouTube честопати го фаворизира она што ги држи децата пред екранот што е можно подолго, наместо она што навистина придонесува за нивниот развој. 

„Иако постои квалитетна содржина, децата не ја наоѓаат сами. Родителите сè уште имаат клучна улога во филтрирањето и изборот на материјал“, додава Ливингстон.

Дигитален седатив или алатка за учење? 

Многу популарни детски канали на YouTube можат да бидат „дигитален седатив“, тврди Ен Вуд. Програми како CocoMelon се забавни и можат да им помогнат на зафатените родители, но во големи количини можат да ја намалат способноста на децата да ја развијат сопствената имагинација и креативност.

Експертите нагласуваат дека рамнотежата е клучна, родителите треба да комбинираат забавни клипови со едукативна и интерактивна содржина, така што децата учат додека се забавуваат. 

Како да се заштитат децата во дигиталниот свет 

Падот на квалитетот на детските програми започна пред неколку децении, но YouTube и другите дигитални платформи го видоа проблемот како ескалира. Платформите имаат огромен потенцијал, но профитот честопати доминира над образованието и развојот на младите умови. 

Во својот заклучо Вуд вели: „Родителите треба да бидат свесни за ризиците и внимателно да избираат што гледаат нивните деца. Ова е единствениот начин да се осигураме дека дигиталните искуства на децата се безбедни, едукативни и креативни.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни