Како што наведува германски портал, оваа стратегија е дел од поширокиот европски тренд на „екстернализација на контролата на миграциите“, во кој побогатите земји нудат финансиски средства или безбедносни гаранции на држави кои се подготвени во нивно име да спречуваат или привремено да згрижуваат мигранти.
Косово како дел од британската стратегија
Eurointelligence пишува дека прашањето за миграциите било една од централните теми на последниот Самит на Берлинскиот процес, што се одржа оваа недела во Лондон, каде домаќин беше британскиот премиер Кир Стармер.
Порталот наведува дека Косово прво сигнализирало подготвеност да прифати лица чии барања за азил во Велика Британија се одбиени и чии правни постапки се исцрпени.
Според ова сценарио, мигрантите би биле привремено сместени во објекти во Косово, сè додека траат подготовките за нивна депортација во земјите на потекло.
Паралели со италијанско-албанскиот модел
Порталот потсетува дека сличен пристап веќе се спроведува во рамки на спогодбата меѓу Италија и Албанија, според која барањата за азил се обработуваат во албански центри. Иако овој модел беше претставен како начин за намалување на миграцискиот притисок, тој се соочи со правни предизвици, високи трошоци и ограничени резултати.
За Албанија, политичката корист беше очигледна – поддршка од Италија и зајакнување на европската перспектива. Но, за Косово ситуацијата е поинаква, бидејќи Британија не е членка на ЕУ и не може да понуди слични поттикнувачки механизми.
Безбедносни гаранции во замена за соработка
Како што наведува Eurointelligence, Косово најверојатно ја гледа оваа можност како средство за добивање поголеми безбедносни гаранции од Лондон. На почетокот на самитот, Велика Британија го продолжи своето учество во мисијата на НАТО на Косово до 2028 година и најави зголемена поддршка во одбраната и граничната безбедност.
Овие ветувања, се вели во текстот, имаат особена тежина во контекст на повремениот пораст на тензиите со Србија и влијанието на Русија во регионот.
Потенцијални правни и етички проблеми
И покрај тоа, британската влада би можела да се соочи со исти предизвици како Италија, особено во однос на законитоста на обработката на азилантски барања надвор од својата територија и почитувањето на човековите права на задржаните лица.
Британија, во рамки на својата поширока стратегија за безбедност, неодамна воведе санкции против балкански криминални мрежи вмешани во криумчарење мигранти и најави заеднички полициски операции, со користење дронови и скенери долж миграциските рути.
Според германскиот портал, ваквите мерки покажуваат дека миграциската политика сè повеќе станува дел од безбедносната агенда на Европа, а помалите држави, како Косово, ја користат оваа динамика за да ја зајакнат својата позиција и безбедност во нестабилниот регион.
Извор: N1info.rs
